Папата Фрањо: Корупцијата смрди

Папата Фрањо: Корупцијата смрди

Тој е најчестиот говор на мафијата, процес на смрт кој го прекинува соживотот на луѓето, го поддржува криминалот и на крајот ги уништува поддржувачите. Сето тоа е корупција, според мислењето на Папата кој за тоа општествено зло зборува во предговорот на книгата – интервју на кардиналот Петер Турксон.

Книгата носи наслов „Корозија“, а ја уредува Виторио В. Алберти. Токму на корупцијата е посветена и меѓународната дебата која се одржа на 15 јуни 2017 година во Ватикан, а во организација на Дикастеријата за промовирање на интегрален човечки развој, во соработка со Папската академија за општествени науки.

Светиот Отец во предговорот повторно размислува за едно од злата на кое најмногу предупредува во текот на целиот свој понтификат, а чии „метастази“ – како што е напишано во предговорот – ја напаѓаат внатрешната состојба на човекот, како и целото општество. Папата Фрањо поаѓа од „три односи“ кои го одбележуваат човечкиот живот: од оној со Бог, од оној со ближниот, и од оној со околината. Кога човекот е чесен – пишува Папата – тој тогаш живее одговорно за општото добро. Напротив, човекот кој попушта на корупцијата паѓа, а противопштественото однесување на кое наведува корупцијата завршува со прекинување на односите. Се кинат стожерите на соживотот на луѓето, а посебните интереси се како отрови кои ја валкаат општата перспектива.

„Корупцијата смрди“ – истакна папата Фрањо при посетата на кваротот во Наполи Скампија пред повеќе од две години. На тој поим на сличен начин се присетува и во овој предговор. Корумпираниот човек е всушност човек кој испраќа непријатен мирис на гнило срце, кое во основата му е искористувањето, пропаѓањето, општествените неправди и недостатокот на услуги потребни на луѓето; она кое е во коренот на ропството, негрижата за градовите, за општото добро, за природа – истакна Папата.

Корупцијата е облик на псовка – истакна папата Фрањо – тоа е оружје, најчестиот јазик на мафијата, процес на смрт кој ја поттикнува културата на смртта кај оние кои смислуваат злосторства. А денес, кога е многу тешко само да се замисли иднината, корупцијата се заканува и на надежта во можно подобрување – рече Папата и изразувајќи задоволство за анализата на кардинал Турксон за таа појава, повторно ја предупредува Црквата на најопасниот облик на корупција, односно на духовната световност, млакост, измама, триумфализам, и чувството на рамнодушност.

Папата Фрањо го завршува предговорот потсетувајќи на апсолутната убавина на местата во Ватикан од каде што пишува. И убавината не ја нарекува „козметички додаток“ туку нешто што во центарот го става човечкото битие. Таа убавина треба да се спои со праведноста – истакнува Папатаа – затоа корупцијата треба да се сфати и осуди, и да се покаже волја милосрдието да дојде до израз над ограниченоста, љубопитноста и креативноста над безволниот умор, и убавината над ништножноста. Корумпираниот човек заборава да моли за прошка, затоа што е уморен и сит, рамнодушен и полн со себе – пишува папата Фрањо и на крајот истакнува: Црквата и христијаните, но и нехристијаните, обединети, можат да бидат „снегулки“ кои создаваат лавина од нов хуманизам.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот