Папата: Црквата е жена и мајка, како Марија

Папата: Црквата е жена и мајка, како Марија

Во проповедта на светата Литургија која Папата ја служеше во домот Света Марта, на 21 мај 2018 година се осврна на празникот Блажена Дева Марија Мајка на Црквата и истакна дека главната карактеристика на мајката е нежноста.

Црквата е жена, таа е мајка и кога недостасува таа карактеристика на идентитетот станува добротворно друштво или фудбалски клуб; кога Црквата е машко за жал станува Црква на самци неспособни за љубов, неспособни за плодност – е мислата на папата Фрањо од проповедта која ја одржа на светата Литургија служена во капелата на домот Света Марта на празникот Блажена Дева Марија Мајка на Црквата. Тој празник се слави за прв пат оваа година, по објавувањето на 3 март оваа година на документот „Ecclesia Mater“ од Конгрегацијата за богослужба и светотаинска дисциплина.

Богородичното „мајчинство“

Во проповедта папата Фрањо рече дека во евангелијата Марија секогаш се нарекува „Исусовата мајка“, а не „госпоѓа“ или „вдовицата на Јосиф“. Нејзиното „мајчинство“ поминува низ целото Свето Писмо. Тоа е специфичноста која веднаш ја сфатиле црковните оци. Црквата е жена затоа што Црквата е свршеница. Таа е мајка затоа што раѓа. Свршеница и мајка. Во тој став кој доаѓа од Марија, која е Мајка на Црквата, можеме да ја сфатиме таа женска димензија на Црквата; кога тоа недостасува Црквата го губи својот вистински идентитет и станува добротворно здружение, фудбалски клуб или било што друго, но не Црква – истакна Папата.

Црквата – свршеница и мајка

Само „женска“ Црква ќе може да биде плодна според планот на Бог кој сакал да го роди жена за да нѐ поучи на тој женски пат – рече Папата. Важно е што Црквата е жена, што има став на свршеница и мајка. Кога тоа ќе го забравиме, Црквата е „машка“ без таа димензија, станува Црква на самци, кои живеат во таа осаменост, неспособни за љубов и за плодност. Без женственоста Црквата не напредува. А ставот на жена ѝ доаѓа од Марија затоа што Исус така сакал.

Мајчинска нежност

Крепоста која најмногу ја карактеризира жената е нежноста – истакна Папата и додаде: Како Марија која го родила својот првороден син, го повила и положила во јасли. Грижата, нежнoста и понизноста се силни мајчински карактеристики. Црквата која е мајка оди по патот на нежноста. Го познава мудриот јазик на милувањето, тишината, сочувствителниот и тивкиот поглед. И душата, личноста која ја живее таа припадност на Црквата знаејќи дека таа е и мајка треба да оди по тој пат, и да биде блага, нежна, насмеана, полна со љубов – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот