Папата Фрањо: Конзумизмот е вирус кој ја напаѓа верата

Папата Фрањо: Конзумизмот е вирус кој ја напаѓа верата

На 1 декември 2019 година, папата Фрањо во базиликата Свети Петар служеше света Литургија на заирски односно конгоански обред по повод 25 годишнината од основањето на Конгоанската католичка заедница во Рим. Се молеше за мир во Демократска Република Конго и ги повика сите да се отворат за другите и да не мислат на собирањето на материјални добра.

Консумизмот е вирус кој ја напаѓа верата – рече папата Фрањо на светата Литургија во базиликата Свети Петар која ја служеше по повод 25 годишнината од основањето на Конгоанската католичка заедница во Рим. Светата Литургија ја служеше на заирски односно конгоански обред кој во 1988 година ја одобри Конгрегацијата за Свети Тајни и богослужби и тоа е всушност конглоанската култура прилагодена на римскиот обред.

Исус доаѓа! Адвент нѐ потсетува на таа сигурност затоа што самиот тој збор значи доаѓање – рече Папата и истакна: Господ доаѓа и тоа е коренот на нашата надеж и сигурноста дека во неволјите во овој свет доаѓа Божјата утеха која не се состои од зборови, туку во присуството на Оној Кој доаѓа меѓу нас. Глаголот „доаѓа“ не се поврзува само со Бог, туку и со нас. Имено од Бог сме повикани, а кој е повикан, тој е очекуван и сакан.

Господ нѐ не остава сами. Дошол пред 2000 години и ќе дојде на крајот на времето, но доаѓа и денес во нашиот живот и со сите наши проблеми, вознемирености и несигурности – рече Светиот Отец и напомена: Господ никогаш не се изморува, ниту ќе се измори од нас, туку сака да дојде да нѐ посети. Тоа е изворот на нашата радост.

Сте ги оставиле своите куќи, чувства и милите работи и сте дошле овде – рече папата Фрањо и истакна: Ве прифатија, но присутни се непредвидени тешкотии. За Бог секогаш сте добредојдени. Нему никогаш не сме му странци, туку очекувани деца. А Црквата е Божји дом. Овде чувствувајте се како дома. Меѓутоа на Господовиот повик да одиме кај Него може да се одговори и негативно, како и во деновите на Ное, кога требало да се случи нешто ново вознемирувачко, за кое никој не размислувал. Секој се занимавал со своите потреби, никој не очекувал, само се грижеле за тоа да имаат нешто за себе и за храна.

Консумизмот е вирус кој во коренот ја напаѓа верата затоа што нѐ уверува дека животот зависи само од тоа што имате и така заборавате на Бог Кој ви доаѓа во пресрет и Кој ви е блиску – рече Папата и продолжи: Господ доаѓа но ние повеќе ги следиме нагоните кои ни доаѓаат; братот чука на нашата врата, но ни пречи. Тоа е консумистичко себично однесување. Имено, да се зависи од трошењето го умртвува срцето затоа што од работите се живее, а не се знае за што се живее. Имаме многу добра, но не правиме добро. Куќите ни се полни со работи, но децата се сѐ помалку. Дозволуваме времето така да ни помине, но немаме време за Бог и за другите.

Кога се живее за работите, тие никогаш не ни се доволни, алчноста расте и на патот се јавуваат други пречки, и на крајот се чувствуваме загрозени, незадоволни и лути, се подигнува нивото на омразата – рече Светиот Отец и додаде: Сакаме повеќе, уште повеќе и сѐ повеќе. Денес гледаме дека таму каде што е консумизмот, владее многу насилство, па макар само и со зборови, многу лутење и желба да бараме непријател по секоја цена. Па, додека светот е полн со оружје кое предизвикува смрт, не сфаќаме дека своето срце и понатаму го вооружуваме со гнев.

Исус сака од сето тоа да нѐ пробуди, повикувајќи нѐ да бдееме и да не попуштиме на сонот кој сите нѐ обзема, со надеж дека ноќта нема засекогаш да трае и дека набрзо ќе дојде зората – рече папата Фрањо и истакна: Наша задача е сега да бдееме, да го победиме искушението дека смислата на животот е да ја собираме и разоткриваме измамата дека ќе бидеме среќни ако имаме многу работи. Во оваа божиќно време посебно треба да се спротивставиме на заслепувачките светилки на потрошувачката кои насекаде блескаат и да веруваме дека молитвата и милосрдната љубов не се загубено време, туку најголемо богатство.

Само на тој начин кога срцето ќе се отвори за Господ и за браќата мечевите ќе се претворат во плугови и копјата во српови како што вели пророкот Исаија: „Народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна.“ Ова се зборови кои се однесуваат на моменталната ситуација во Демократска Република Конг – заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот