Папата упати порака до учесниците на средбата на млади организирана од Тезе

Папата упати порака до учесниците на средбата на млади организирана од Тезе

Папата Фрањо упати писмо до Европската средба на млади од заедницата Тезе, која оваа година се одржува во Росток (Германија) и почнува во среда. Пораката во име на Папата е објавена во вторник, 27 декември 2022 година на веб-страницата за средбата. Во неа, Светиот Отец, жали за војните ширум светот и повика на солидарност.

„Како што знаете, нашиот свет се соочува со големи предизвици, посебно со трагедијата на обновената војна во Европа. Ова секако ве загрижува, ве вознемирува и размислувате како можете да реагирате на тоа, што можете заедно да направите за да придонесете за мир и посилна заедница меѓу луѓето. Мора да бидеме јасни за злото – за злото што нè опкружува, како и за злото што живее во нашите срца“, стои во писмото на папата Фрањо, потпишано од  надбискупот Едгар Пена Пара од Државниот секретаријат на Светиот Престол.

Папата Фрањо, исто така, ги повика учесниците на 45-та средба на млади организирана од Тезе  „да се соочат со секој облик на неправда“ и „заедно да бараат одговори на предизвиците на нашето време“. Освен тоа, папата Фрањо експлицитно ги повикува младите да учествуваат во синодалниот процес што го започна Католичката црква.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, исто така, им се обрати на младите луѓе со поздравен збор. Тој истакна дека климатските промени и опаѓањето на биодиверзитетот го загрозуваат животот на земјата. „Младите луѓе се првите што алармираа и повикаа на промени“, рече Гутереш. Тој повика „да продолжат да работат за заедничка иднина“. Вселенскиот патријарх Вартоломеј, исто така, се обрати до младите кои учествуваат на средбата во Росток, како и генералниот секретар на Лутеранската светска федерација, Ане Буркхард.

Се очекуваат 5.000 млади луѓе

Во Росток се очекуваат околу 5.000 млади луѓе од целиот свет на средбата на млади која ќе трае до недела. Меѓу нив има околу 300 Украинци, како што соопшти приорот на заедницата Тезе од Франција, Фре Алоис Лосер. Нивното присуство го нарече важно покажување на солидарност со Украина, која тој самиот ја посети за време на божиќните празници.

На средбата на млади се очекува да присуствуваат и епископот за католичките Украинци од византискиот обред во Германија и Скандинавија, Бохдан Џурах, како и поранешниот сојузен претседател Јоаким Гаук и министерката за култура на Мекленбург – Ворпромерн, Бетина Мартин. Меѓу највисоките претставници на црквите се евангелските бискупи Тилман Јеремија и Готарт Магаард, а од Католичката црква надбискупот од Хамбург Стефан Хесе и бискупот од Хилдесхајм Хајнер Вилмер.

Росток: Само 17 проценти припаѓаат на Црквата

Во однос на припадност кон Црквите во Росток се декларираат само 17 % од граѓаните. Фре Алоис нагласи дека на христијаните им треба дијалог и со луѓе од други религии и светогледи. Приорот на Тезе истакна дека потрагата по духовност се зголемува низ цела Европа. Дополнително, гостопримството е вредност што ги поврзува сите, рече тој, мислејќи на сместувањето на многу учесници во приватни домаќинства.

Братството Тезе, кое има седиште во Бургундија, Франција, организира за младите средби од 1978 година, на кои понекогаш учествуваа и до 100.000 млади луѓе. Фокусот на средбата во Росток се песни, молитви, работилници, славења и богослужби. За прв пат по две години се одржува со присуство. Во Германија последен пат се одржа во Берлин во 2011 година со околу 28.000 учесници.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот