Папата: Првото средство за евангелизација е сведоштвото

Папата: Првото средство за евангелизација е сведоштвото

Апостолскиот поттик „Evangelii nuntiandi“ на папата Павле VI беше во центарот на катехезата на папата Фрањо, кој на Генералната аудиенција во средата, 22 март 2023 година потсети на трите прашања кои ги постави папата Монтини со цел да се сведочи верата без лицемерие: Дали верувате во она што го навестувате? Дали го живеете тоа што го верувате? Дали го навестувате она што го живеете?

Во катехезата на Генералната аудиенција, одржана на плоштадот Свети Петар, во среда 22 март 2023 година, продолжувајќи со серијата размислувања за занесот за евангелизација, папата Фрањо се осврна на првиот пат на евангелизацијата, односно сведочењето. Тој ги поттикна верниците да слушаат што има да им каже апостолскиот поттик на свети Павле VI „Evangelii nuntiandi“, за кој рече дека е „magna charta“, односно темелот на евангелизацијата во современиот свет. Напишан е во 1975 година, но изгледа како да е напишан вчера. Актуелен е – додаде тој и истакна дека да евангелизираш не значи едноставно да пренесуваш наука и морал.

Човек не може да евангелизира без сведочење, сведочење на личната средба со Исус Христос, Воплотеното Слово во кое се исполни спасението. Ова сведоштво е многу потребно затоа што, пред сè, „на светот му требаат евангелизатори кои ќе му зборуваат за Бог Кој Го познаваат и со Кој другаруваат“. Тоа не е пренесување на некоја идеологија или доктрина за Бог, не. Тоа е пренесување на Бога, кој во мене станува живот: тоа е сведоштво. И дополнително, „современиот човек повеќе ги слуша сведоците отколку учителите“, […] или ако ги слуша учителите, тоа е затоа што тие се сведоци“. Затоа, сведочењето за Христос е истовремено првото средство за евангелизација и главен услов за неговата делотворност, за да биде плодно навестувањето на Евангелието.

Дали веруваш во она што го навестуваш?

Сведоштвото на христијанскиот живот треба да биде осветлено од верата. Верата која ги преобразува односите, мерилата и вредностите кои ги одредуваат изборите. Сведочењето не може да ја занемари доследноста меѓу она во што се верува, она што се објавува и она што се живее – објасни Светиот Отец и додаде:

Човекот е веродостоен ако постои хармонија помеѓу она во што верува и она што го живее; како верува и како живее. Многу христијани само велат дека веруваат, но живеат нешто друго, како да не се христијани. Тоа е лицемерие. (…) Тоа е „контра-сведоштво“. Секој од нас е повикан да одговори на три основни прашања, кои Павле VI ги формулираше вака: „Дали навистина верувате во она што го проповедате? Дали го живеете она во што верувате? Дали навистина го проповедате она што го живеете?“ Не смееме да се задоволуваме со површни и банални одговори. Повикани сме да го прифатиме дури и дестабилизирачкиот ризик на барањето, целосно доверувајќи се на делувањето на Светиот Дух Кој делува во секој од нас, поттикнувајќи нѐ да одиме секогаш подалеку: подалеку од нашите граници, од нашите бариери, подалеку од нашите ограничувања од секаков вид.

Евангелизацијата и светоста

Сведоштвото на христијанскиот живот – додаде римскиот епископ, подразбира и одење во светоста.

Светоста е таа што не е резервирана за малкумина, светоста е Божји дар и бара да биде прифатена и да даде плод за нас и за другите. Избрани и љубени од Бога, таа љубов треба да ја носиме на другите.

Црквата е повикана да се евангелизира самата себеси

Напоменувајќи дека приматели на евангелизацијата не се само другите, оние кои исповедаат други вери или кои не исповедаат ниту една вера, Папата истакна:

Но, и ние самите, кои веруваме во Христа и сме активни членови на Божјиот народ. Ни треба секојдневно преобраќање, прифаќање на Божјото слово и промена на животот; секој ден. Така се врши евангелизацијата на срцето. За да го даде тоа сведоштво исто така Црквата како таква мора да тргне од тоа „да се евангелизира самата себе“. Ако Црквата не се евангелизира самата себе, таа останува музејска поставка. Напротив, она што постојано го обновува е евангелизирањето на самата себе.

Црквата и современиот свет

Словото Божјо е семето што го оплодува светот. Црквата која се евангелизира себеси за да евангелизира – објасни Папата, е Црква која, водена од Светиот Дух, е повикана да оди по бараниот пат на постојано преобраќање и обновување. Тоа исто така ја вклучува и способноста за да се промени начинот на кој го разбира и живее своето евангелизирачко присуство во историјата, избегнувајќи да бара засолниште во областите заштитени со логиката „така било секогаш“.

Таа Црква целата свртена кон Бог – додаде, затоа е дел од неговиот план да го спаси човештвото, а во исто време целата свртена кон човештвото. Црквата е таа која дијалошки се среќава со современиот свет.

Односно, Црквата која дијалошки се среќава со современиот свет, дијалогизира со современиот свет, но која секојдневно се среќава со Господ и разговара со Господ, дава да влезе Светиот Дух, Кој е протагонист на евангелизацијата. Без Светиот Дух можевме само да ја промовираме Црквата, но не и да евангелизираме. Светиот Дух во нас е Тој што нè движи кон евангелизацијата, и тоа е вистинската слобода на Божјите деца.

Да се ​​направи човештвото ново

На крајот, папата Фрањо уште еднаш поттикна на читање или препрочитување на „Evangelii nuntiandi“, апостолскиот поттик кој следи после Синода посветена на евангелизацијата одржана во 1974 година и истакна дека често го чита, бидејќи е ремек-дело на Павле VI, наследството што ни е дадено, оставено за да евангелизираме. Евангелизацијата, за Црквата, е носење на Радосната вест – потсетува папата Монтини во тој документ објавен во 1975 година – до сите слоеви на човештвото; тоа за неа значи дека со своето влијание се преобразува одвнатре, правејќи го човештвото ново.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот