Велика сабота – молк на Бога, молк на човекот

Велика сабота – молк на Бога, молк на човекот

Може да изгледа парадоксално да се зборува за Велика Сабота, бидејќи за христијаните е еден ден означен со молчење, еден ден кој може да изгледа како „мртво време“, ден без смисла. Исто така и евангелијата молчат за оваа „велика сабота“: раскажувањето за страданијата на Исус завршува на петок вечер, со појавувањето на првите зраци од саботата и продолжува само со зората од првиот ден во седмицаа, односно третиот ден. Значи, празен ден?

Во западната христијанска традиција, Великата Сабота единствениот ден без посебни литургиски церемонии: молчаат камбаните, нема запалени свеќи, не се пеат песни… исто така и молитвата на христијаните е тивка исполнета во исчекување: исчекување од кое ќе се промени сѐ, секоја приказна. (…)

Велика Сабота, денот после смртта, времето во кое пред апостолите се чувствуваше само крајот на надежта, една апорија, една празнина на целата смисла, неподнослива болка, болка за едно дефинитивна разделба, за една смртна рана: Каде е Бог? Тоа е ова безгласно прашање на великата сабота. Каде е оној Бог кој интервенираше на Исусовото крштение, отворајќи ги небесите за да му каже: „Ти си мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (Мк 1,11)? Каде е оној Бог кој интервенираше на планината, во часот на преображението со Мојсеј и Илија и беше извикал: „Овој е Мојот возљубен Син. Него слушајте Го!“ (Мк 9,7)? Во часот на крстот Бог не интервенираше, до тој степен што Исус се почуствува напуштен од Него па дури и му извика? „Боже Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил?“ (Мк 15,34). Еве, цел ден поминува и нема интервенција од Бога… Но сепак Бог не го напуштил Исуса: иако напуштувањето изгледа горка вистина за апостолите, Бог всушност веќе го повикал Исуса кај себе, дури, тој го воскреснал во својот свет Дух и живиот Исус е во подземниот свет да го навести исто така и таму ослободувањето. Исус слегол во адот. Еве што се случува во таинство на Велика Сабота: празен ден, молчлив за учениците и за луѓето, но ден во кој Отецот – кој „секогаш делува“, како што рече Исус – преку него го носи спасението во адот. Како што Јона бил во утробата на рибата три дена и три ноќи (сп. Мт 12,40), исто така и Исус од крстот беше положен во гробот и од таму уште слезе во адот, во пеколот каде престојуваат мртвите.

(…) Во една проповед препишана на Епифаниј е напишано: „Денес на земјата постои голема тишина: Господ е мртов во телото и слегол да го растресе царството на адот. Оди да го бара Адама, првиот татко, како изгубената овца. Господ слегнува и ги посетува оние кои лежат во темнината и во сенката на смртта“. А во една химна на Ефрем од Сирија се пее вака: „Оној кој му рече на Адама ‘Каде си?’ слезе во адот после него, го најде, го повика и му рече: ‘Дојди, ти кој си според мјот лик и образ! Јас слегов каде што си ти за да те вратам во твојата ветена земја!“. Исус слегнат во адот со својата смрт ја уништи самата смрт во една восхитувачка борба, како што вели исто така сириската литургија: „Ти, Господи Исусе, со смртта ја победи за време на трите денови од твоето престојување во гробот, посеа радост и надеж помеѓу оние кои живееја во адот.

Така слегнувањето во адот станува проширување на спасението за целиот космос спасение на човечкото битие во неговата целост: Христос слегнува во срцето на земјата, во срцето на созданието, во подземните зони каде живее секој човек. Што се случува со адот после „посетата“ на прославениот Христос? Кирил Александриски вели дека проповедта на Христос во адот – за која зборува апостолот Петар: „мртов по тело, но жив по Дух… отиде им проповеда и на духовите, кои беа во темнина (1Пт 3, 18-19) – значи соголување на целиот пекол е разбивајќи ги непробојните врати за душите на мртвите, го остави ѓаволот сам!“. Каде е, пеколу, твојата победа?

Христијанинот денес не треба да ја заборави оваа голема тајна на Великата сабота, вистинскиот вовед на Велигден, но исто така и слегнувањето Христово во пеколните региони каде што има христијани, и покрај нивната желба да го следат Исус. Кој не го признава постоењето на пеколот? Региони кои не се евангелизирани, територија на неверувањето, место каде што Бог го нема и каде што секој од нас не може ништо да направи освен да го повика слегнувањето на Христос за да го евангелизира, да го осветли, да го претвори од регион на смртта зависен од моќта на ѓаволот во регион способен да ‘рти живот со сила на благодатта. Така Великата Сабота е како време на бременоста, е еден момент од времето пред раѓање, за триумф на нов живот: молкот не е безгласен, туку време исполнет со енергија и живот.

(…) Велика Сабота е време кога Бог изгледа дека не е присутен, кога изгледа дека злото преовладува, кога болката се чини бесмислена. Велика Сабота понекогаш е исто така и за оној кој во својот пат на верата се наоѓа во темнина, гледа дека му се намалува верата, не успева да ја одржува надежта: ден на бесмисленоста, во кој секоја доверба се чини недостапна. (…) Но Велика Сабота е исто така и како време во кое крвта на мачениците и на жртвите паѓа како семе на земјата за да ја оплоди за обемни плодови, време во кое распаѓањето на телото од нашето надворешно битие му прави место за растење на нашиот внатрешен човек…Тогаш секој еден за Велика Сабота може да каже: „Бог навистина беше овде до мене, но јас не знаев!“ (Битие 28, 16). Не постои Велигден без Велика Сабота.

Енцо Бијанки/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот