Нека Дева Марија ни ги подари даровите на дијалогот и трпението, близината и прифаќањето .
Се наоѓаме пред „вратата на зората“ – со тие зборови папата Фрањо го започна својот говор во светилиштето „Мајка на милосрдието“ во Вилнус. Тоа е она што останало од ѕидините на овој град кои служеле за одбрана од било какви опасности или напади, а кои во 1779 година непријателската војска целосно ги уништила оставајќи ја само таа врата – рече Папата и нагласи – уште тогаш била поставена сликата на „Девицата на милосрдието,“ на Мајка Божја која секогаш е подготвена да ни помогне.
Уште од тогаш сакала да нѐ научи дека можеме да се заштитиме без напади, дека е можно да се биде внимателен без нездравата недоверба кон сите – рече Светиот Отец и продолжи: Таа Мајка, без Детето, целата во злато е Мајка на сите. Во секој кој доаѓа тука, таа го гледа она што ние самите често не го гледаме; лицето на својот Син Исус втиснато во нашите срца.
Од моментот кога Исусовата слика е втисната во срцето на секој човек, секој чоек за нас е можност за да го сретнеме Бог – рече папата Фрањо и предупреди: Кога ќе се затвориме во себе заради стравот од другите, градиме ѕидови и барикади, се лишуваме од Исусовата Радосна вест која ја води историјата и животите на другите. Сме изградиле премногу тврдини во своето минато, но денес треба да се гледаме едни со други лице во лице и да се препознаеме како браќа, одејќи заедно и откривајќи ја радосно и мирно вредноста на заедништвото (Evangelii Gaudium, 87).
Секој ден на ова место Мајката на милосрдието ја посетуваат мноштво луѓе од многу земји; католици и православни – рече Папата и додаде: Денес тоа го овозможува лесната комуникација и слободата на движење. Би било убаво на таа леснотија да се придружи и леснотијата за средба и солидарност меѓу сите за да се разменуваат даровите кои бесплатно сме ги примиле, да излегуваме од себе и да се даруваме на другите, да го прифаќаме присуството и различноста на другите како дар и богатство во својот живот.
Понекогаш ни изгледа дека отворањето за светот нѐ фрла во областа на натпреварувањето таму каде што „човек на човек му е волк“ и таму каде што има место само за конфликти кои нѐ делат, за тензии кои нѐ трошат, за омраза и непријателства кои нѐ не водат никаде (Gaudete et exsultate, 71-72) – рече Светиот Отец и нагласи: Мајката на милосрдието како и секоја добра мајка, се обидува повторно да го собере семејството и ни зборува: „барај го својот брат.“ Така ни ја отвора „вратата на новата зора.“ Денес нѐ чекаат деца и семејства со крвави рани кои не се слични со оние на Лазар, туку со Исусовите. Тие се вистински рани и тие од својата мака и темнина викаат да им го донесеме светлото на љубовта која исцелува. Љубовта е клучот која ја отвора вратата за небото.
Нека Мајката на милосрдието ни помогне да можеме вистински да ја искусиме силата која го прочистува нашето постапување кон другите, нека ни подари за да можеме милосрдно и понизно да ги видиме нивните ограничености и слабости, а притоа да не мислиме дека сме над било кој (Филипјани 2, 3) – рече папата Фрањо и поттикна: Контемплирајќи за таинствата на светата Бројаница да ја молиме да бидеме заедница која го навестува Исус Христос, нашата надеж и да можеме да изградиме земја која е способна да прифати сѐ. Нека Дева Марија ни ги подари даровите на дијалогот и трпението, близината и прифаќањето (Evangelii Gaudium, 165). Да ја молиме да ни помогне да изградиме татковина која гради мостови, а не ѕидови; која дава предност на милосрдието, а не на осудата. Нека Марија секогаш биде како „врата на зората“ за целата ова благословена земја! – заврши Папата.
Ватикан њуз/к.мк