Црквата во Франција повикува повторно да се пронајде смислата на животот

Црквата во Франција повикува повторно да се пронајде смислата на животот

По неодамнешните насилства во Франција, Француската бискупска конференција повика да се слушне вознемиреноста на младите и на луѓето кои се чувствуваат заборавени и маргинализирани, истовремено осудувајќи ги нападите, ограбувањата и уништувањето на јавниот и приватниот имот.

Бискупите предупредуваат дека земјата се соочува со подлабока општествена криза. Надбискупот на Тур, Винсент Жорди, смета дека зад протестите постојат реални незадоволства, особено кај младите, кои се соочуваат со проблеми во образованието, несигурност и страв за иднината.

Според него, современото општество создава силна вознемиреност поради војните, економската несигурност, европската криза, еколошките прашања и неизвесноста за иднината.

„Луѓето денес се прашуваат како ќе изгледа иднината, зошто да имаат деца, па дури и зошто наутро да станат и да се соочат со животот“, вели надбискупот.

Француските бискупи, сепак, предупредуваат дека оправданото незадоволство не може да биде оправдување за насилството. Според нив, одредени групи ја користат општествената збунетост за создавање хаос, со што дополнително се продлабочуваат стравот и поделбите.

Надбискупот на Лион, Оливие де Жерме, смета дека кризата покажува дека еден општествен модел заснован врз консумеризмот, хедонизмот и индивидуализмот повеќе не успева да одговори на човековиот копнеж за среќа и смисла.

„Гледаме луѓе кои имаат сè што им е потребно за живот, а нивната жед за среќа сепак останува незадоволена“, истакнува тој.

Бискупите повикуваат на обновување на општествениот дијалог, особено преку синдикатите, здруженијата и другите посреднички институции, кои можат да создадат простор за разговор и помирување.

Според надбискупот Жорди, кризата отвора и подлабоки духовни прашања за смислата на животот и насоката во која се движи општеството. Црквата, смета тој, има задача повторно да ги внесе овие прашања во јавната дебата.

„Решението е Бог“, порача надбискупот де Жерме, нагласувајќи дека верата може да помогне во повторното градење на единството и чувството за заедничко човештво.

Особено внимание, според него, треба да им се посвети на младите. Наместо да им се нуди среќа преку потрошувачката, потребно е да им се овозможат искуства на служење, солидарност и дарување.

„Не треба да ја губиме надежта во младите“, нагласува надбискупот, потсетувајќи дека многумина ја откриваат вистинската радост токму преку служењето на другите.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот