Христијанството до ден денес е извор на идеалите за еднаквост и солидарност

Христијанството до ден денес е извор на идеалите за еднаквост и солидарност

Во знак на загриженост за Европа без христијанство, во вторник, 20 август 2024 година, во Будимпешта беше одбележан спомен денот на унгарскиот крал Свети Стефан

Илјадници верници учествуваа на прославата во чест на заштитникот на Унгарија, заедно со унгарскиот примат, надбискупот на Острогон и Будимпешта, кардиналот Петер Ердо и надбискупот од Букурешт Аурел Перца.

На свечената света Литургија проповедаше надбискупот Перца. Меѓу присутните верници беа унгарскиот претседател Тамаш Суљок, вицепремиерот Жолт Шемјен и сопругата на премиерот Виктор Орбан, Анико Леваи. Поради невреме, откажана е традиционалната процесија низ улиците на Будимпешта со моштите на светецот.

Денеска сме сведоци на голема борба против Црквата и Бога, рече надбискупот Перца во својата проповед во базиликата Свети Стефан. „Како да сакаат да ги избришат христијанските траги во Европа“, предупреди тој, додавајќи дека Европа е во опасност додека некои се стремат за „Европа без Бог и христијанските вредности“.

Христијанството до ден денес е извор на идеалите за еднаквост и солидарност меѓу луѓето, без него не би имало здравствен систем, социјална грижа и образование, нагласи букурешкиот надбискуп. Во исто време, тој го бранеше христијанскиот поглед за семејството, кое денес жестоко се напаѓа во Европа и предупреди на опасноста од светот „кој ги отфрла христијанските вредности, сè повеќе се свртува кон егоизмот и релативизмот, поддржува евтаназија и абортус и ги поткопува вредностите и богатството на националните култури“.

Надбискупот Перца го наведе кралот Свети Стефан како пример за тоа како сопствениот живот се гради на Христос. Сржта на верата не е збирка закони и совети, туку пред се цврсто сведоштво за христијанскиот живот, нагласи тој.

На почетокот на светата Литургија, кардинал Ердо порача дека покрај сета радост поради возобновувањето на црквите, „конечно мора да се обнови и нашата душа“. Одлучно за иднината е христијаните да го разберат својот повик, да прифатат нов живот и да се гледаат едни со други со „уважување и почит“. Празникот Свети Стефан, унгарски крал, претставува зајакнување на духовната обнова и можност да се заблагодариме за зачувувањето на заедницата и нацијата, рече кардиналот Ердо.

Свети Стефан, унгарски крал, е симбол на унгарското национално единство и интеграцијата на некогашните номадски Унгарци во христијанска Европа. Ги основал првите десет епархии во неговото царство. Прогласен е за светец во 1083 година за време на светиот крал Ладислав I. Балсамираната десна рака на свети Стефан е најважната реликвија на црквата во Унгарија, а се чува во базиликата во Будимпешта, која е посветена на него.

Ика/к.мк

 

 

 

Категорија: Вести, Свет

За авторот