Христијаните се сопатници на ранетите и осамените

Христијаните се сопатници на ранетите и осамените

Уредникот на Ватикан њуз се осврнува на зборовите на папата Лав XIV во Франција, нагласувајќи дека Папата ги повикува сите христијански заедници да живеат во дух на близина и сочувство, никогаш не повлекувајќи се од сегашноста.

Низ пораките на папата Лав XIV до Црквата во Франција, но и пошироко до цела Европа, се провлекува една заедничка нишка. Таа укажува на најсоодветниот став за христијаните кои живеат во секуларизирани општества, каде што голем број ранети луѓе бараат смисла во својот живот.

Во својата проповед на Вечерната во Нотр Дам, Петровиот наследник потсети дека Црквата е повикана секогаш „да оди напред“, токму за да остане верна на Бога на Воплотувањето.

Оваа карактеристика треба да ја спречи христијанската заедница да стане енклава, заштитено упориште во кое ќе се повлече и ќе се засолни од времето во кое живееме, со сите негови противречности. Тоа е искушение што постојано се повторува, особено денес, кога некои тврдат дека единствениот начин да се преживее е да се создадат мали заедници на цврсто убедени верници, практично одвоени од светот.

Наместо тоа, рече папата Лав XIV, христијанската заедница повеќе наликува на древна катедрала, станувајќи место на прифаќање, почит, навестување и смисла што им се нуди на сите. „Христос веќе чука на вратата“ на оние што изгледаат далеку, а ние сме повикани да Го откриваме преку прифаќањето на оние што се на перифериите.

Не е случајно што Папата во својата проповед го цитираше апостолскиот поттик на својот претходник, папата Фрањо, Evangelii gaudium. Неговиот одглас може да се почувствува и во овие зборови: „Недостигот од средства не ја попречува мисијата, бидејќи Божјата благодат е таа што ја поттикнува внатрешната слобода и едноставноста на животот, за да го одразува евангелскиот начин на живеење“.

Оваа порака јасно покажува дека сведочењето за Евангелието не бара ниту моќни структури и големи ресурси, ниту маркетиншки стратегии или прозелитизам.

Дополнителни значајни насоки за тоа што значи да се биде сведок во нашето време дојдоа за време на средбата со членовите на покраинското синодално собрание, катехумените и новокрстените.

Папата Лав XIV ја објасни важноста на прифаќањето и придружувањето на оние чии „животни патишта се посложени и помалку праволиниски“. Токму тука, објасни Папата, стилот на близина, сочувство и нежност го добива своето целосно значење, нудејќи патишта што го почитуваат темпото на оние што ги среќаваме, „движејќи се постепено, со внимание и во братска придружба“.

Тоа значи да се усвои пристапот на „одење заедно“, збогатувајќи се меѓусебно. Да знаеме како да му бидеме сопатници на другиот, како да одиме низ ноќта со оние што бараат, без да бидеме проголтани од темнината, со трпение и способност да чекаме.

Токму така постапила света Моника со својот син Августин, став што кардиналот Јозеф Рацингер го опишал во 1981 година, зборувајќи за „оставањето на неговата слобода како суштински елемент во создавањето на овој простор за живот“. Дури и слобода да згреши.

Света Моника „знаела да чека… Преку страдањето научила да му дозволи да оди по својот пат, без присила. Научила да го прифати фактот дека неговиот пат бил сосема поинаков од оној што таа го замислувала за него во верата; но сепак научила да го љуби, да остане покрај него, да не го напушта, а истовремено да му ја остави слободата да биде самиот себе. Во оваа отвореност додека чекала, оставајќи му слобода да стане самиот себе, не наметнувајќи му ја верата, туку едноставно останувајќи покрај него како личност, како мајка, токму на тој начин му ја пренела верата.“

Оваа способност да се придружува другиот се одразува и во зборовите што папата Лав XIV ги изговори во својата проповед на светата Литургија на Плоштадот Конкорд: „Не ја задржувајте својата вера во Исус Христос само за себе, туку дозволете ѝ да се прелее за да ја изгаси жедта на оние што ги среќавате и да им донесе исполнување. Од вас зависи да носите надеж секаде каде што владеат обесхрабрувањето и духовната сувост.“

Во истата проповед, пред 800.000 луѓе, Римскиот епископ зборуваше со тон целосно спротивен на триумфализмот или желбата за самооправдување, потсетувајќи дека и самата Црква има потреба од преобраќање.

За да се исцелат длабоките рани предизвикани од неверствата и „болните недостатоци“ во неа, христијаните треба понизно да застанат пред Божјиот поглед, признавајќи ги сопствените грешки. Зашто токму смирението на човекот кој се препознава себеси како грешник е „местото“ каде што благодатта се излева, а светлината на Евангелието свети како пат отворен за сите.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Колумни

За авторот