Во борбата за духовна обнова, Црквата мора подлабоко да ја сфати улогата на интернетот и појасно да ги пренесува своите пораки во тој простор. Кардиналот од Луксембург, Жан-Клод Холерих, е убеден во тоа.
„Вистинското наследство е синодалноста“
Во контекст на разградувањето на традиционалните парохиски структури и сè посекуларниот свет, црковната комуникација мора да се приспособи, изјави тој во интервју за австрискиот неделник Die Furche. Според него, 85 проценти од младите луѓе на возраст меѓу 20 и 30 години, кои неодамна свесно се одлучиле за крштевање во Франција, сведочат дека на таа одлука ги поттикнала токму онлајн-комуникацијата.
„Не сме доволно присутни во виртуелниот свет. Мораме да ја прилагодиме пораката на медиумите. Самото емитување на света Литургија преку интернет не е доволно“, подвлече Холерих.
Тој додаде дека денес е потребен поголем ангажман на Црквата во дијалог со секуларното општество. „Мора да допреме до светот. Да зборуваме на јазикот на луѓето кога ја навестуваме верата. Да ги слушаме нивните прашања и потреби.“ Често, според него, Црквата се обидува да нуди одговори на теми за кои луѓето воопшто и не прашуваат.
„Секуларизацијата е присутна и во самата Црква“
„Живееме во силно секуларизиран свет. Некои епископи велат дека мора да се бориме против тоа. Но, тоа е бесмислица. Секуларизацијата е присутна и во самата Црква“, вели Холерих. Таа се препознава, на пример, во „десното крило“, кое се концентрира исклучиво на формата: „Не е важно дали Бог постои или не, најважно е формите да се зачуваат.“
Од другата страна, пак, „левото крило“ нуди „католицизам на вредности“, но вредности кои веќе немаат вистинска врска со Бога.
Католицизмот во Европа не е без иднина
И покрај сето тоа, кардиналот е уверен дека католицизмот во Европа има иднина – иако предвидува дека во следната деценија „многу парохии ќе се распаднат“ и дека „сегашниот систем ќе заврши“. За Црквата тоа значи да не се врзува за минатото, туку да го прифати и да учи од него. „Ние сме дел од историјата и мора да ја разбереме како таква“, истакнува тој.
Сепак, Холерих признава дека токму европската Црква се соочува со најголеми тешкотии во оваа насока.
„Австрија повторно да има кардинал“
Кардиналот е оптимист и за тековниот синодален процес, во кој папата Фрањо во 2021 година го назначи за „генерален релатор“ и во таа улога тој го придружуваше патот на синодалните собранија. Сегашната фаза од синодата мора активно да се искористи и на локално ниво.
Така, во неговата епархија планира да организира црковно собрание по примерот на латиноамериканските, со значајно учество на лаиците и со јасно присуство на вработените со полно работно време. „На луѓето мора да им се даде можност да го изразат своето мислење. Верниците не можат едноставно да се третираат како администрација“, нагласи Холерих.
Осврнувајќи се на промената на тежиштето на универзалната Црква кон Јужна Америка, Африка и Источна Азија, тој додаде: „Верувам дека би било многу важно Австрија повторно да има кардинал.“
Ватикан њуз/к.мк