Телефонски разговор помеѓу Лав XIV и Владимир Путин

Телефонски разговор помеѓу Лав XIV и Владимир Путин

Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол го потврди телефонскиот разговор одржан во среда попладне, 4 јуни 2025 година. Папата апелираше до Русија да направи гест што е во прилог на мирот и ја нагласи важноста на дијалогот меѓу страните, за да се бараат решенија за конфликтот.

Во среда попладне, „папата Лав XIV имаше телефонски разговор со претседателот Путин“. Ова го потврди вечерта директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни. „За време на телефонскиот разговор, покрај прашањата од заеднички интерес“, извести Бруни, „особено внимание беше посветено на ситуацијата во Украина и на мирот. Папата апелираше до Русија да направи гест што би бил во прилог на мирот и ја нагласи важноста на дијалогот за создавање позитивни контакти меѓу страните и за барање решенија за конфликтот“.

Тие, исто така, разговараа за „хуманитарната ситуација, потребата од обезбедување помош каде што е потребно, тековните напори за размена на затвореници и важноста на работата што ја врши кардиналот Зупи во овој поглед“.

„Папата Лав – заклучи Бруни – се осврна на патријархот Кирил, заблагодарувајќи му се за добрите желби кои ги прими на почетокот на неговиот понтификат и подвлече како заедничките христијански вредности можат да бидат светлина што помага да се бара мир, да се брани животот и да се бара автентична верска слобода“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот