„Ете, сè правам ново.“ (Откровение 21,5)
Со Книгата на Откровението завршува збирката на новозаветните списи. Намерата на авторот е да ни помогне да ги разбереме последните стварности: Христовото повторно доаѓање, конечната победа над злото и создавањето на ново небо и нова земја.
Не е тоа лесно разбирлив текст. Станува збор за периодот меѓу 81 и 96 година по Христос. Тоа е време на жестоки прогони на христијаните. Во тие околности, свети Иван, авторот на оваа Книга, Римјаните го прогонуваат на островот Патмос. Токму таму тој добива низа визии, со заповед да ги запише.
„Ете, сè правам ново.“
Книгата на Откровението имала задача да им даде надеж на прогонуваните заедници. И покрај тоа што состојбата била тешка, исполнета со многу насилство, и покрај неизвесната иднина, доброто на крајот ќе победи и Бог ќе создаде сè ново.
И денес, додека ги следиме телевизиските вести или ги гледаме насловните страници на весниците, дознаваме за бројни трагедии. До нас допираат тажни вести и постои опасност сите ние да се навикнеме на нив. […] Но тука е Отецот кој плаче со нас; тука е Отецот кој пролева солзи полни со бескрајно сочувство кон своите деца. Тој Отец нè чека за да нè утеши, бидејќи ја познава нашата болка и ни подготвил поинаква иднина. Тоа е големата визија на христијанската надеж, која нѐ следи секој ден од нашето постоење и сака да нè воздигне.“ [1]
„Ете, сè правам ново.“
Не можеме да знаеме ниту кога ниту како ќе се случи тоа, па затоа е залудно да истражуваме. Но сигурно е дека ќе се случи.
Завршните страници на Библијата ни го покажуваат конечниот хоризонт на патот на верникот: Новиот Ерусалим, Небесниот Ерусалим. Тој е замислен како огромен шатор во кој Бог ќе ги прими сите луѓе и трајно ќе пребива со нив (Откр. 21,3). Тоа е нашата надеж. Што ќе направи Бог кога конечно ќе бидеме со Него? Ќе ни покаже бескрајна нежност, како татко што ги пречекува своите деца кои долго се мачеле и страдале.
„Ете, Божјата скинија е со луѓето, и Тој ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив. И ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе; ни жалост, ни лелек, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.“ И Оној што седи на престолот рече: „Ете, сѐ правам ново.“ И ми рече: „Напиши, зашто овие зборови се верни и вистинити.“ (Откр. 21,3–5). Бог на новоста! [2]
„Ете, сè правам ново.“
Како да го живееме Словото на животот во овој месец?
„Тоа ни гарантира дека сме на пат кон нов свет кој веќе сега се подготвува и се гради. Затоа тоа е далеку од повик за повлекување и бегство од светот. Бог сака сè да обнови: нашиот личен живот, пријателствата, брачната љубов, семејството; сака да го обнови општествениот живот, светот на трудот, училиштето, културата, слободното време, здравството, економијата, политиката… со еден збор, сите области на човечкото делување. Но за да го направи тоа, Му требаме ние. Му се потребни луѓе кои дозволуваат Неговото Слово да живее во нив, кои во суштина се Неговото Слово, друг Исус во своите средини.“ [3]
Младата христијанка Алиса сфатила дека следењето на својот повик бара длабока промена, за да Му овозможи на Бог целосно да делува во нејзиниот живот и да го обнови. Таа имала можност, како „неизмерен дар“, да престојува во Индија. Таму доживеала автентична радост и се чувствувала потопена во Божјата благодат, дури и во тешки моменти. Своите денови ги посветила на молитва, заеднички живот и волонтерска работа. Длабоко ја трогнале децата во сиропиталиштето. Иако немале ништо, покажале неверојатен ентузијазам и ја научиле толку многу за животот. Тоа не било обично патување, туку ходочестие — пат исполнет со подеми и падови, каде што морала да ги остави своите товари. А пронашла збогатување и ослободување.
[1] Спореди, Папа Фрањо, Општа аудиенција, 23 август 2017, Катехеза за христијанската надеж;
[2] Исто
[3] Спореди , К. Лубик, слово на животот април 1989

