Сеул ја пушти во употреба апликацијата за Светскиот ден на младите 2027

Сеул ја пушти во употреба апликацијата за Светскиот ден на младите 2027

Организаторите на Светскиот ден на младите 2027 во Сеул ја пуштија во употреба официјалната апликација за ходочесници, со цел да им помогнат на младите католици да се подготват за патувањето во Јужна Кореја и за учеството на собирот.

Локалниот организациски комитет за Светскиот ден на младите 2027 во Сеул, предводен од надбискупот Питер Чунг Сун-таик, ја објави официјалната апликација за ходочесници, наменета да им помогне на младите во подготовките за меѓународниот собир.

Комитетот соопшти дека апликацијата на едно место обединува практични информации, духовни содржини и податоци за ходочестието, кои учесниците ќе можат да ги користат пред патувањето и за време на престојот во Кореја.

Привремено наречена „WYD 2027“, апликацијата е достапна преку Apple App Store и Google Play на корејски и англиски јазик. Подоцна ќе бидат додадени и шпански, француски, португалски и италијански.

Нејзиното трајно име ќе биде избрано преку глобален конкурс за именување.

Апликацијата се отвора со пораката: „Бидете храбри и дојдете во Сеул, ходочестие по кое чекориме заедно“, со одбројување до Светскиот ден на младите во 2027 година.

АџиитеХодочесниците можат да пристапат до поголемиот дел од содржините без регистрација или најавување.

Делот за подготовка содржи информации за ходочесничките пакети, духовната подготовка, патните аранжмани, основни корејски поздрави и информации за пакетите за учесниците.

Апликацијата нуди и практични совети за временските услови во Кореја во јули и август, влажноста на воздухот, изложеноста на ултравиолетово зрачење, ненадејните врнежи, климатизацијата во затворени простории и тајфуните.

Информациите за патувањето опфаќаат електричен напон и типови приклучоци, совети за пакување, предупредувања за итни случаи и повеќејазична владина апликација за известување при катастрофи.

Апликацијата содржи и информации за секојдневните правила и навики поврзани со употребата на тоалети, пешачките премини, отстранувањето отпад, изгубените предмети, местата за пушење и бучавата.

Делот за корејски јазик нуди изрази за поздравување, збогување, заблагодарување и извинување, како и фрази за барање насоки и изрази што можат да се користат во црква и за време на светата Литургија. Фразите се прикажани на корејски јазик, со упатства за изговор и со значење на англиски.

Посебен дел за ходочестието го претставува Католичкиот ходочеснички пат во Сеул, молитви за посета на свети места и посебна програма за посети на музеи.

Ходочесниците кои ќе посетат три определени места ќе можат да добијат потврда за завршено ходочестие, откако преку апликацијата ќе ја потврдат својата посета.

Станува збор за Музејот на историјата на Сеулската надбискупија при катедралата Мјеонгдонг, Музејот на историјата на светилиштето Сеосомун при Светилиштето на мачениците Сеосомун и Музејот на корејските маченици при Светилиштето на мачениците Џеолдусан.

За функцијата со која се потврдува посетата е потребна регистрација и најавување.

Апликацијата вклучува и водич базиран на Google Maps за светилишта, места на настани и други објекти. Во моментов се достапни информации за 24 локации, главно места за ходочестие и музеи.

Другите делови нудат информации за Светскиот ден на младите, Католичката црква во Кореја, историјата на корејското католицизам и мачениците, корејската култура, јавниот превоз и постапките во итни случаи.

Организаторите соопштија дека апликацијата ќе продолжи да се ажурира за да имаат ходочесниците пристап до сите потребни информации пред и за време на собирот. Во развој се и услуги поврзани со ходочесничката картичка.

Светскиот ден на младите 2027 е закажан да се одржи во Сеул од 3 до 8 август 2027 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот