Директорот на канцеларијата за печат на Светиот Престол, Грег Берк, на прес-конференција во Ватикан ја презентира програмата за посетата на Папата на балтичките држави од 22 до 25 септември.
Папата ќе одржи 15 официјални говори на италијански јазик: 7 во Литванија, 4 во Летонија и 4 во Естонија. Со оваа меѓународна апостолска посета, земјите што ги посетил папата Фрањо од почетокот на неговиот понтификат станаа 39.
Апостолската посета е добар повод за папата Фрањо да им оддаде почит на оние што страдале за верата, рече портпаролот на Ватикан. Од далеку балтичките земји може да изгледаат „многу или многу еднакви“ но тие всушност се „нации – сестри и како такви можат да бидат многу различни.“
„Во Литванија, објасни Грег Берк, – мнозинството од населението, речиси 80% ја исповеда католичката вера. Во Летонија, поголемиот дел од населението е лутерани, а на тоа се додава интересната мешавина на Летонци и Руси. Во Естонија, 75% од населението се декларираат за неверници. Но, за Папата, ова патување е предизвик за кое верувам дека му се допаѓа. Во Естонија, Папата ќе се сретне со локалната католичка заедница од 5.000 луѓе, колку една парохија во Западна Европа, што е знак за присуството на Папата на периферијата .“
Меѓу најважните моменти од посетата на Папата е посетата на Вилнуското гето, каде што Папата ќе се пoмоли пред споменикот на жртвите на нацистите за време на Втората светска војна. „Посетата ќе се одвива на 75-годишнината од уништувањето на гетото“, рече Грег Берк. Овој музеј е симбол на страдањето на народот. Папата ќе ги посети келиите и салата за егзекуции и местата каде што многу луѓе, вклучувајќи свештеници и бискупи, биле мачени и претрпеле големи страдања.
Ватикан њуз/к.мк