Првата света Литургија за зачувување на созданието Папата ќе ја служи во Кастел Гандолфо

Првата света Литургија за зачувување на созданието Папата ќе ја служи во Кастел Гандолфо

На 9 јули, папата Лав XIV ќе ја предводи новата литургиска света Литургија посветена на зачувувањето на созданието во Кастел Гандолфо. Ова го соопшти кардинал Михаел Черни на прес-конференција во Ватикан. Литургијата ќе се одржи како приватна богослужба заедно со соработниците на проектот „Борго Лаудато си’“.

„И прости ни го еколошкиот долг“

Првата света Литургија со новата литургиска формула „pro custodia creationis“ („за зачувување на созданието“) ќе се служи во вторник, на 9 јули 2025 година, во папската летна резиденција Кастел Гандолфо. Ова го најави кардинал Михаел Черни, префект на Дикастеријата за целосен човечки развој, во четврток 3 јули 2025 година  при претставувањето на декретот во Прес-центарот на Ватикан.

„Оваа формула ќе ја употреби папата Лав XIV следната недела во Борго Лаудато си’ во Кастел Гандолфо“, изјави кардинал Черни. Станува збор за приватна света Литургија што ќе се служи заедно со вработените во овој еколошки проект. Новата литургиска иницијатива е вдахновена од енцикликата Laudato si’ на папата Фрањо и неговото учење за зачувување на созданието.

Централни нагласоци

Новата литургиска формула е дел од рубриката Missae pro variis necessitatibus vel ad diversa од Римскиот Мисал. Франческо Виола, секретар на Дикастеријата за дисциплина на Светите Тајни, нагласи дека оваа Литургија ги преточува некои од клучните пораки од Laudato si’ во молитвено и литургиско искуство.

„Созданието не е додадена тема, туку е постојано присутно во католичката литургија“, истакна кардинал Черни. Новата света Литургија е литургиски, духовен и заеднички израз кој му дава јасна форма на црковниот ангажман за созданието.

Текстовите што ја сочинуваат формулата на „Missa pro custodia creationis“ се замислени како теолошки коректив против поедноставено или површно читање на Laudato si’, објасни Виола. Таквите интерпретации ја занемаруваат длабочината на енцикликата, која нуди севкупна визија за еколошката одговорност.

Еколошка криза

Најновиот Апостолски поттик Laudate Deum повторно ја актуализира таа перспектива, именувајќи ја еколошката криза со голема јасност. „Благодарение и на поуките на папата Фрањо, денес посилно сме свесни дека се наоѓаме во состојба на длабока криза“, рече Виола.

Кардинал Черни го истакна значењето на новата литургиска формула за современиот контекст:

„Таквата богослужба е голем чин на вера, надеж и љубов. Таа ја обновува нашата благодарност, ја зацврстува верата и нѐ повикува со одговорност и грижа да одговориме на дарот на созданието.“

Воведувањето на новата света Литургија претставува уште еден чекор на Црквата во интегрирање на еколошката свест во литургискиот живот. Богослужбата што ќе ја предводи папата Лав XIV ќе го означи почетокот на можно пошироко прифаќање на оваа литургиска пракса во заедниците низ светот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот