Во пораката за месецот Рамазан, Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог го истакнува годинашното преклопување со Великиот пост, изразувајќи надеж дека двата свети периоди можат „да станат катализатор за обновен свет, каде што оружјата на војната ќе му отстапат место на храброста на мирот“.
„Низ овој заеднички период на Рамазан и Великиот пост, нашата внатрешна преобразба нека стане катализатор за обновен свет, каде што оружјата на војната ќе му отстапат место на храброста на мирот.“
Тоа се зборовите од пораката на Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог за Рамазан и Рамазан-бајрам (Еид ал Фитр), потпишана од префектот, кардинал Џорџ Џејкоб Кувакад, и секретарот, монсињор Индунил Џ. К. Кодитуваку.
„Мир, ова е мојата искрена желба“, стои во пораката, „за секого од вас, за вашите семејства и за народите во кои живеете.“
Мирот, пишува кардиналот Кувакад, произлегува од „разоружување на срцето, умот и животот“, и е дар од Бог што се негува преку дијалог, праведност и љубов кон простувањето.
Да не се попушти пред очајот
Изразувајќи ја солидарноста и почитта на Светиот Престол кон муслиманите, пораката ја нагласува „промислителното совпаѓање на календарите“, имајќи предвид дека христијаните во моментов го живеат Великиот пост.
Во денешниот свет, преоптоварен со „информации, наративи и спротивставени гледишта“, се вели во пораката, можеме да бидеме во искушение да потклекнеме пред очајот или насилството.
Верниците, вели кардиналот Кувакад, треба да изберат друг пат. Христијаните и муслиманите се „повикани да замислуваат и да отвораат нови патишта преку кои животот може да се обнови“. Тоа се случува преку молитва, „пост што го прочистува нашиот внатрешен поглед, и конкретни дела на милосрдие“.
Осмели се да се стремиш за мир
Кардиналот Кувакад ја изразува близината на Црквата со нашите муслимански браќа и сестри, „особено со оние меѓу вас кои се борат или страдаат со телото или духот поради жедта за праведност, еднаквост, достоинство и слобода“.
Муслиманите и христијаните „се обединети не само преку заедничкото искуство на искушение, туку и преку светата задача да се обнови мирот во нашиот разурнат свет“.
Пораката завршува со надеж дека Великиот пост и Рамазан можат „да станат катализатор за обновен свет, каде што оружјата на војната ќе му отстапат место на храброста на мирот“.
Ватикан њуз/к.мк

