ПОРАКА НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ЛАВ XIV ЗА 100. СВЕТСКИ ДЕН НА МИСИИТЕ

ПОРАКА НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ЛАВ XIV ЗА 100. СВЕТСКИ ДЕН НА МИСИИТЕ

18 октомври 2026 година

„Едно во Христос, обединети во мисијата“

Драги браќа и сестри!

За Светскиот ден на мисиите во 2026 година, со која се одбележува стогодишнината од оваа прослава, востановена од папата Пиј XI и многу драга на Црквата, ја избрав темата: „Едно во Христос, обединети во мисијата“. По Јубилејната година, сакам да ја поттикнам целата Црква со радост и жар во Светиот Дух да продолжи по мисионерскиот пат, кој бара срца соедините во Христос, помирени заедници и подготвеност на сите за великодушна и доверлива соработка.

Додека размислуваме за тоа дека сме едно во Христос и обединети во мисијата, да дозволиме Божјата благодат да нè води и вдахновува, за „во себе да ја обновиме ревноста на својот мисионерски повик“ и заедно да напредуваме во нашето посветено залагање околу евангелизацијата во едно „ново мисионерско време“ во историјата на Црквата (Проповед на светата Литургија за Јубилејот на светот на мисиите и мигрантите, 5 октомври 2025).

  1. Едно во Христос. Ученици мисионери соединети со Него и со своите браќа и сестри

Во средиштето на мисијата се наоѓа таинството на единство со Христос. Пред Своето страдање, Исус упари молитва до Отецот: „за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно“ (Иван 17,21). Овие зборови ја откриваат најдлабоката желба на Господ Исус и, истовремено, идентитетот на Црквата, заедницата на Неговите ученици: да биде заедница која се раѓа од Пресвета Троица и живее од Троица и во Неа, во служба на братството меѓу сите луѓе и хармонијата со целото создание.

Да се биде христијанин не значи пред сè да се следи збир од практики или идеи, туку да се живее во единство со Христос, преку кое стануваме учесници во синовскиот однос што Тој го живее со Отецот во Светиот Дух. Тоа значи да останеме во Христос како прачките на лозата (сп. Иван 15,4), потопени во троичниот живот. Од тоа соединување се раѓа меѓусебното заедништво меѓу верниците и од него извира секоја мисионерска плодност. Навистина, како што поучуваше свети Иван Павле II, „заедништвото претставува извор и истовремено плод на мисијата“ (сп. Апостолски поттик Christifideles laici, 32).

Затоа првата мисионерска одговорност на Црквата е да го обновува и да го одржува живо духовното и братското единство меѓу своите членови. Во многу ситуации сме сведоци на конфликти, поларизации, недоразбирања и меѓусебна недоверба. Кога тоа се случува и во нашите заедници, се ослабува нивното сведоштво. Евангелизациското послание што Христос им ја довери на Своите ученици бара, пред сè, помирени срца желни за заедништво. Во тој поглед, важно е да се зајакне екуменската посветеност со сите христијански Цркви, користејќи ја и можноста што ни ја дава заедничкото одбележување на 1700-годишнина од Никејскиот собор.

На крајот, но не и најмалку важно, да се биде „едно во Христос“ нè повикува секогаш погледот да го упатуваме кон Господ, за Тој навистина да биде во средиштето на нашиот личен и заеднички живот, на секој збор, дело и меѓучовечки однос, за да можеме со восхит да кажеме: „И јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Галатјаните 2,20). Тоа ќе биде возможно преку постојано слушање на Неговото Слово и преку благодатта на Светите Тајни, за да можеме да бидеме живи камења на Црквата, која денес е повикана да ги прифати основните постулати на Вториот ватикански собор и на поновото папско учителство, посебно на папата Фрањо. Како што вели свети Павле: „не се проповедаме самите себе, туку Христа Исус Господа“ (2 Коринтјаните 4,5). Затоа потсетувам и на зборовите на свети Павле VI: „Нема вистинска евангелизација ако не се навестуваат името, учењето, животот, Ветувањата, Царството и таинствата на Божјиот Син, Исус од Назарет“ (Evangelii nuntiandi, 22). Овој процес на вистинска евангелизација започнува во срцето на секој христијанин, а потоа се шири кон целото човештво.

Затоа, колку повеќе сме соединети во Христос, толку повеќе ќе можеме заедно да го исполнуваме посланието што Тој ни ја доверува.

  1. Обединети во мисијата, за да поверува светот во Христос Господ

Единството на учениците не е цел само по себе, туку е насочено кон мисијата. Исус тоа јасно го кажува: „за да поверува светот дека Ти си Ме пратил“ (Иван 17,21). Токму сведоштвото на една помирена, братска и солидарна заедница навестувањето на Евангелието ја пронаоѓа својата полна комуникациска сила.

Во оваа перспектива вреди да се потсетиме на мотото на блажениот Паоло Мана: „Целата Црква за преобраќање на целиот свет“, во кое е содржан идеалот што го вдахновил основањето на Папската мисионерска заедница во 1916 година. По повод 110-годишнината од нејзиното основање, на Заедницата им ја изразувам мојата благодарност и благослов за нејзиното залагање за одуховување и обликување на мисионерскиот дух кај свештениците, богопосветените лица и мирјаните, помагајќи во обединувањето на сите евангелизациски сили. Имено, ниту еден крстен човек не е изземен и не може да остане рамнодушен кон тоа послание: сите, секој според својот повик и животна состојба, учествува во големото дело што Христос ѝ го доверил на Својата Црква. Како што повеќепати нè потсетуваше папата Фрањо, навестувањето на Евангелието секогаш е заедничко и синодално делување.

Затоа, да се биде обединет во мисијата значи да се чува и негува духовноста на заедништвото и мисионерската соработка. Колку повеќе од ден на ден растеме во тој дух, толку повеќе, по Божја благодат, учиме да гледаме на своите браќа и сестри со очите на верата, со радост да го препознаваме доброто што Духот го буди во секого, да ја прифаќаме различноста како богатство, да ги носиме товарите едни на други и секогаш да го бараме единството што доаѓа одозгора. Имено, сите имаме исто послание, кое произлегува од „еден Господ, една вера, едно Крштение, еден Бог и Отец на сите, Кој е над сè, и преку сите, и во сите нас“ (сп. Ефесјаните 4,5-6). Оваа духовност претставува секојдневен облик на мисионерското учеништво. Таа ни помага повторно да ја откриеме универзалната визија на евангелизациското послание на Црквата, надминувајќи ја расцепканоста на напорите, поделбите и соперништвата, „јас сум Павлов“, „јас сум Аполосов“, меѓу следбениците на еден Господ (сп. 1 Коринтјаните 1,10-12).

Мисионерското единство, секако, не треба да се сфаќа како еднообразност (униформност), туку како соединување на различните харизми кои се стремат кон иста цел: Христовата љубов да стане видлива и да ги повика сите да се сретнат со Него. Евангелизацијата ја достигнува својата цел кога помесните заедници соработуваат меѓусебно, а културните, духовните и литургиските разлики го наоѓаат својот целосен и хармоничен израз во една иста вера. Затоа ги охрабрувам црковните институции и заедници да го зајакнат чувството за мисионерско црковно заедништво и креативно да развиваат конкретни облици на меѓусебна соработка за мисијата и во мисијата.

Во таа смисла сакам да им се заблагодарам на Папските мисионерски дела за нивната мисионерска соработка, која со благодарност ја искусив уште за време на мојата служба во Перу. Овие дела, Дело за ширење на верата, Дело на Светото Детство, Дело на свети апостол Петар и Папската мисионерска заедница, продолжуваат да ја зајакнуваат и обликуваат мисионерската свест на верниците, од најмладите до возрасните, и да создаваат молитвена мрежа и љубов што ги обединува заедниците ширум светот.

Значајно е што основачката на Папското дело за ширење на верата, блажената Паолин Мари Жарико, пред двесте години ја започнала Живата Бројаница, која и денес обединува многубројни верници во заедничка молитва од далечина за различни духовни и мисионерски потреби. Треба да се потсетиме и дека токму на иницијатива на Папското дело за ширење на верата, папата Пиј XI во 1926 година го востановил Светскиот ден на мисиите. Прилозите што секоја година се собираат по тој повод ова Дело, во име на Папата, ги распределува за различните потреби на мисијата на Црквата. Затоа овие четири папски дела, заедно и секое од нив посебно, продолжуваат да извршуваат драгоцена служба за целата Црква. Тие се жив знак на единството на Црквата и на мисионерското заедништво. Ги повикувам сите да соработуваат со нив во дух на благодарност.

  1. Мисија на љубовта. Да ја навестуваме, живееме и со други да ја споделуваме Божјата верна љубов

Ако единството е услов за мисијата, љубовта е нејзината суштина. Радосната вест што сме повикани да му ја навестуваме на светот не е некаков апстрактен идеал: тоа е Евангелието на Божјата верна љубов, воплотена во лицето и животот на Исус Христос.

Мисијата на учениците и на целата Црква е, во Светиот Дух, да ја продолжи Христовата мисија, која се раѓа од љубовта, живее во љубовта и води кон љубовта. Навистина, самиот Господ, во Својата возвишена молитва кон Отецот пред Своето страдање, откако се помоли за единството на учениците, завршува со зборовите: „љубовта со која Ме возљуби Ти да биде во нив, и Јас во нив“ (Иван 17,26). Апостолите, водени од Христовата љубов и од љубовта кон Христос (сп. 2 Коринтјаните 5,14), ја носеле Радосната вест. На ист начин, низ вековите, безброј христијани, маченици, исповедници и мисионери ги положиле своите животи за да му ја навестат на светот оваа Божја љубов. Така евангелизациското послание на Црквата продолжува, водена од Светиот Дух, Духот на љубовта, сè до крајот на времето.

Затоа сакам посебно да им се заблагодарам на денешните мисионери ad gentes кои, како свети Фрањо Ксаверски, ги напуштиле својата татковина, семејство и секоја сигурност за да го навестуваат Евангелието, носејќи ги Христос и Неговата љубов на места кои честопати се тешки, сиромашни, погодени од конфликти или културно далечни. И покрај тешкотиите и човечките ограничувања, тие продолжуваат радосно да се даруваат и да ѝ се посветуваат на својата мисија, бидејќи знаат дека самиот Христос и Неговото Евангелие се најголемото богатство што треба да се сподели со другите. Со својата истрајност покажуваат дека Божјата љубов е посилна од секоја пречка. На светот и понатаму му се потребни овие храбри Христови сведоци, а на црковните заедници и понатаму им се потребни нови мисионерски звања, кои секогаш треба да ги носиме во срцето и за кои непрестајно треба да се молиме на Отецот. Нека го даде својот дар на момчиња и девојки, како и возрасни лица, да бидат подготвени да остават сè за да Го следат Христос на патот на евангелизацијата до краиштата на светот!

Восхитувајќи им се на мисионерите и мисионерките, упатувам посебен повик до целата Црква: сите да се соединиме со нив во евангелизациското послание преку сведоштвото на животот во Христос, молитвата и нашите прилози за мисиите! Често, како што знаеме, „Љубовта не е љубена“, како што рекол свети Фрањо Асишки, кон кого оваа година особено го насочуваме погледот по повод 800-годишнината од неговото преминување во вечноста. Нека и на нас се пренесе неговата желба да живееме во Господовата љубов и да ја пренесуваме на оние што се блиску и на оние што се далеку, бидејќи, како што рекол, „многу треба да ја љубиме љубовта на Оној Кој многу нè љуби“ (свети Бонавентура, Големиот животопис на свети Фрањо, IX, 1; Фрањевски звирори, стр. 961, [Fonti francescane, 1161). Исто така нека нè поттикне и ревноста на света Тереза од Детето Исус, која си поставила задача да ја продолжи својата мисија и по смртта, велејќи: „На небото ќе го сакам истото што и на земјата: да Го љубам Исус и да работам другите да Го засакаат“ (Писмо до о. М. Белиер, 24 февруари 1897).

Вдахновени од овие сведоштва, сите, секој според својот повик и даровите што ги примил, да настојуваме да придонесуваме за големата мисија на евангелизацијата, која секогаш е дело на љубовта. Вашите молитви и вашата конкретна поддршка, особено на Светскиот ден на мисиите, ќе бидат од голема помош за Евангелието на Божјата љубов да стигне до сите, особено до најсиромашните и најпотребните. Секој дар, колку и да е мал, станува значаен чин на мисионерско заедништво. Затоа повторно ја изразувам мојата искрена благодарност „за сè со што ќе ми помогнете да им се помогне на мисионерите ширум светот“ (Видео порака за Светскиот ден на мисиите 2025). За да го поттикнеме ова духовно заедништво, заедно со мојот благослов ви ја оставам оваа едноставна молитва:

Свети Оче, дај да бидеме едно во Христос, вкоренети во Неговата љубов која обединува и обновува! Дај сите членови на Црквата да бидат обединети во мисијата, послушни на Светиот Дух, храбри во сведочењето на Евангелието, секојдневно навестувајќи ја и воплотувајќи ја Твојата верна љубов кон секое создание!

Благослови ги мисионерите и мисионерките, поддржувај ги во нивните тешкотии и чувај ги во надежта!

Маријо, Царице на мисиите, придружувај го нашето дело на евангелизација во секој крај на земјата: направи нè орудија на мирот и дај целиот свет во Христос да ја препознае светлината што спасува! Амин.

Од Ватикан, 25 јануари 2026 година, Трета недела преку годината, празник Преобраќање на свети апостол Павле.

ПАПА ЛАВ XIV

Категорија: Проповеди

За авторот