Нашите ќерки најверојатно ќе се соочат со “злобни девојчиња” во текот на нивните тинејџерски години. Дали се подготвени? Како родители, ние треба да разбереме што всушност значи “злобно девојче” и да ги оспособиме нашите ќерки да одговорат со интегритет, во благодатта и љубовта на Христос.
Се запознав со Стејси и Стефани во третото одделение. Трите делевме седиште во училишниот автобус, два пати на ден, пет пати неделно, девет месеци.
Речиси триесет години подоцна, Стејси и Стефани се две од само неколкуте деца од моите денови во основно училиште на чии имиња се сеќавам. Би сакала да кажам дека се сеќавам на нив со симпатија, но не можам. Видете, овие две соученички беа мојата прва средба со злобни девојчиња.
Што точно е “злобно девојче”?
Една веб-страница ги дефинира како девојки кои покажуваат “релациона агресија” како што се “озборувања, вербални омаловажувања на други, малтретирање, задни мисли и користење на другите за да напредуваат”. За време на моето возење во школскиот автобус, злобата имаше форма на пасивно-агресивни омаловажувања, суптилни навреди преправени како дискусија и критика.
Да премотам напред до моите доцни триесетти години и сега, кога сум мајка на четири ќерки. Во последните две години, секоја од нив, од мојата петгодишна до мојата дванаесетгодишна ќерка, имаа барем една средба со злобно девојче.
Како да им помогнам да реагираат добро кога се соочуваат со озборувања, вербални омаловажувања или малтретирање? Еве три работи на кои ги учам.
- Нивните зборови и активности зборуваат за нив, не за тебе
Пред да дипломирам, јас работев, со полно работно време, како кореспондентен асистент во Јужна Калифорнија. Читам и одговарав на писма што ги добивавме од гледачите на неделната телевизиска програма. Секој пат кога ќе наидев на некое писмо полно со критики, осознавав дека зборовите на осуда го одразуваа срцето на писателот многу повеќе од она што всушност беше разгледувано.
Се трудам да ги научам моите ќерки дека истото важи и за девојчињата кои се нељубезни кон нив. Само поради тоа што еден омаловажувачки коментар или поглед кој означува гадење е насочен кон нив, тоа воедно не го прави вистинит. Тоа не ја одразува нивната вистинска вредност. Напротив, како што зборува Лука 6:45, тоа открива што е во срцето на другата личност. Често, тоа укажува на несигурност и потреба да направи да се чувствува подобро со деградирање на друг.
- Добрината е потешка, но е подобар одговор
Кога Исус зборувал за непријателите, терминот “френемис” (лице со кое сте пријатели и покрај фундаменталното непријателство или ривалство) сè уште не бил во употреба. Тоа не значи дека неговите зборови не се однесуваат на оние девојки кои се љубезни еден момент и злобни следниот. Во Матеј 5:44, Исус ги охрабрил сите што го слушале да ги сакаат своите непријатели и да се молат за секој што ги прогонувал. Ги повикувам моите девојки да го прават истото кога ќе се соочат со злобни девојки. Ги советувам дека не е лесно да се реагира со љубезност, но дека тоа е најдобриот одговор.
Да сме на јасно, тоа не значи дека ги советувам моите ќерки тенденциозно да минуваат време со девојки кои постојано се нељубезни кон нив. Не го правам тоа. Меѓутоа, ако немаат друг избор освен да бидат во нивна близина, без оглед дали тое е во одделение, или дури и во црква, ги учам да направат сѐ што можат за да покажат добра волја.
- Не биди злобно девојче во нечија друга приказна
Една од најголемите придобивки што сакам да ја стекнат моите девојки е тоа дека е важно како тие се однесуваат со другите. Во својата книга “Смрт за живот”, Н.Д. Вилсон пишува:
″Вашиот живот ќе придонесе за голема и прекрасна приказна, без оглед на тоа што ќе правите. Вие сте тука, со тоа што постоите, вршите избор, живеете, ја обликувате иднината и го резбате минатото …. Ние сме биле повикани во оваа уметност како ликови, родени во оваа нишка на настан …. Ние ќе придонесеме за оваа приказна. Но како?
Кога забележувам дека моите девојки се нељубезни една кон друга, како што понекогаш тоа знаат сестрите да го прават, брзо ги потсетувам како тие се чувствувале кога некој друг бил нељубезен со нив. “Никогаш немој да бидеш злобна девојка во нечија друга приказна”, им велам, “без разлика дали е тоа твојата сестра или некој надвор од нашата куќа”.
Како родители, ние не можеме да ги заштитиме нашите ќерки од тоа некогаш да не се сретнат со едно злобно девојче. Во одреден момент, секоја од нив ќе има своја Стејси или Стефани. Меѓутоа, она што можеме да го сториме е да им помогнеме како да се соочат со тоа злобно девојче.
Жена врсна/к.мк/Ашли Слатер/Кате М.