Како и секогаш од самиот почеток на својот понтификат, па и пред секое меѓународно патување, Папата во петок утрото, 22 јули 2022 година отиде во базиликата Света Марија Велика. Сам, во тишина се помоли пред иконата на Пресвета Богородица Salus Populi Romani, доверувајќи го своето 37. Апостолско патување.
Според веќе воспоставената традиција пред секое меѓународно патување, папата Фрањо и овој пат, два дена пред да замине за Канада, отиде во базиликата Света Марија Велика (Santa Maria Maggiore) за да ѝ го довери на Пресвета Богородица своето 37 Апостолско патување. Пред иконата на Пресвета Богородица Salus Populi Romani (Спас на римскиот народ), заштитничка на градот, Папата се помоли сам, во тишина, седејќи во количка, барајќи заштита и поддршка за патувањето, кое го нарече „покајничко ходочастие“, кој во своето срце го има помирувањето меѓу Црквата и канадските домородни народи, жртви на политиката за асимилација што во минатото ја спроведуваа и католичките верски установи.
Соопштение на Канцеларијата за печат на Светиот Престол
Утрово, петок, 22 јули, папата Фрањо отиде во базиликата Света Марија Велика да се помоли пред иконата Пресвета Богородица Salus Populi Romani, доверувајќи ѝ го своето патување во Канада. После тоа, тој се врати во Ватикан – се вели во соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Традиција од почетокот на понтификатот
Од почетокот на понтификатот, од март 2013 година, пред патување во странство и по враќање, папата Фрањо навратува на молитва пред иконата на Богородица, многу драга на Римјаните, која се чува во капелата Боргезе, во базиликата Света Марија Велика. Така Светиот Отец ја има посетено оваа базилика повеќе од 60 пати. По повод патувањето во Канада, Папата отиде да се помоли два дена пред да замине од Рим за Едмонтон, каде што ќе пристигне во недела, на 24 јули, во вечерните часови, според средноевропско време. За време на престојот во Канада, до 30 јули, покрај Едмонтон, Папата ќе ги посети и градовите Масквацис, Квебек и Икалуит.
Духовна поддршка за неговото послание
Во центар на Апостолското патување е неговата желба да ги прегрне домородните народи, како што самиот рече во неговото пладневно обраќање минатата недела, на 17 јули, објаснувајќи како, за жал, многу христијани во Канада, особено членови на верските установи, придонеле за политиките на културна асимилација која во минатото на различни начини сериозно ги оштети локалните заедници. Оттука и необичната дефиниција на апостолското патување како „покајничко ходочастие“ и желбата да се придонесе за патот на помирување и исцелување по кој веќе тргна црквата во Канада и домородните народи. Тоа е, значи, вистинска мисија, поради што Папата при споменатото неделно обраќање ги поттикна верниците да го придружуваат со молитва. Тоа е таа духовна поткрепа за која се помоли и на Пресвета Богородица.
Ватикан њуз/к.мк