Папата ја повика италијанската финансиска полиција да биде во служба на општото добро 

Папата ја повика италијанската финансиска полиција да биде во служба на општото добро 

Папата Фрањо ја охрабри делегацијата на италијанската финансиска полиција, која ја прими на 21 септември 2024 година на аудиенција по повод 250-годишнината од нејзиното основање, да му служи на општеството, да се бори против корупцијата и да се залага за нов хуманизам. 

Во делегацијата беа италијанскиот министер за економија и финансии Џанкарло Џорџети, врховниот командант генерал Андреа Де Џенаро, офицери, како и редовни војници и свештеник. 

Во својот говор Папата потсети на корените на финансиската полиција, која е создадена со цел финансиски надзор и заштита на границите. Со тек на времето, ѝ се доделени задачи на даночна, економска и финансиска, поморска полиција, како и спасувачки морски и планински служби. За време на светските војни, финансиската полиција им помагала на Евреите и другите бегалци. 

Нејзин небесен покровител е апостолот и евангелист свети Матеј, кој бил даночник, цариник. Во времето на Исус, оваа професија била третирана со голем презир бидејќи била „подложена на империската власт и била корумпирана“, истакна Папата, потсетувајќи се на сликата на Караваџо „Повикувањето на свети Матеј“. 

Според папата Фрањо „утилитарниот и бесрамен менталитет“, посветеноста на богот на парите и денес влијае на општетсвениот живот, предизвикувајќи нерамнотежа и маргинализација. Дури и земја со значителни ресурси може да стане жртва на тој систем ако остане изолирана финансиски или на светскиот пазар. 

Финансиската полиција има за цел да промовира праведни економски односи, да собира даноци, да се спротивстави на злоупотребата на Интернет и социјалните мрежи и да се бори против корупцијата и сивата економија. „Сето тоа е ваш конкретен и секојдневен начин на служење на општото добро“, истакна Папата. 

Според Папата, причината за корупцијата лежи во корумпираното срце (на италијански cor-rotto – корумпирано), па одговорот на тоа мора да биде не само почитување на правилата, туку и „нов хуманизам“. Тој ги повика присутните да придонесат за овој нов хуманизам, вклучително и преку едукација на младите, солидарност и несебично служење на другите. Светиот Отец им се заблагодари на гостите за помошта на мигрантите во Медитеранот, за храбрите акции за време на природни катастрофи и ги потсети на борбата против трговијата со дрога. 

На крајот, Папата потсети дека богатството на еден народ не е само во неговиот БДП, тоа е во неговото природно, уметничко, културно, верско наследство, како и во насмевката на неговите жители, децата и старите луѓе. „Богатството на еден народ пред сѐ се неговите луѓе“, нагласи Светиот Отец, охрабрувајќи ги гостите „да изградат алтернатива на глобализацијата на рамнодушноста“ и да ја зајакнат довербата, надежта и насмевката кај луѓето. 

Ватикан њуз/к.мк 

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот