Канцеларијата за печат на Светиот Престол, во вторник вечер, 11 март 2025 година, објави најнови информации за здравјето на папата Фрањо. Продолжена му е терапијата со висок проток на оксигенација во текот на целиот ден. Покрај тоа, ги следеше духовните вежби во Ватикан преку видео врска со салата Павле VI, помина време во молитва и прими света Причест.
Клиничката ситуација на папата Фрањо останува стабилна, а лекарите потврдуваат мали подобрувања во контекст кој сепак останува сложен. Канцеларијата за печат на Светиот Престол го даде на новинарите ова кратко ажурирање за здравствената состојба на Папата. Тој е хоспитализиран во римската болница Гемели од 14 февруари. Детален медицински билтен вечерва не беше издаден како и претходните денови со оглед на стабилната здравствена состојба.
Денеска се навршуваат 67 години од влегувањето на Папата во Друштвото Исусовци. Попладнево, како и претходно утрото, Папата преку видео врска ги следеше духовните вежби во салата Павле VI во Ватикан каде се собрани членовите на Римската курија. И вечерва се молеше Света Бројаница за здравје на Папата.
Во приватната капела на неговиот апартман во болницата, папата Фрањо помина извесно време во молитва. Не прима посети, туку посветува време на молитва и размислување како дел од духовните вежби. Утрото прими и света Причест. Продолжи со пропишаните терапии и, во текот на денот, продолжи да користи високопроточна оксигенација преку назални канили.
На 12 март повеќе информации ќе дадат лекарите, кои вчера ја укинаа неизвесната прогноза, но сепак ја истакнаа сложената клиничка состојба. Утре нема да биде објавена катехезата од Генералната аудиенција со оглед на тоа што оваа недела се одржуваат духовните вежби.
Ватикан њуз/к.мк