На крајот од Генералната аудиенција, папата Фрањо упати апел за Сирија, земја која формира преодна влада по падот на Асад: „Се надевам на стабилност и единство“. Папата моли луѓето да живеат во мир и сигурност во својата земја и различните религии да одат заедно во пријателство и меѓусебно почитување. Тој ги спомна и Украина, Светата Земја и Мјанмар: „Нека се врати мирот, војната е секогаш пораз“
Стабилност, единство, мир, безбедност, пријателство, почит меѓу различните религии. Ова се дарови за кои Папата молеше за Сирија, земја која секогаш ја нарекува „сакана“, која – како што рече – доживува деликатен момент во својата историја откако бунтовниците на организацијата Хајат Тахрир ал Шам, кои сега формираат преодна влада, го собори режимот на Башар ал Асад.
Стабилност и единство
На крајот од Генералната аудиенција на 11 декември 2024 година, во салата Павле VI, Папата рече дека ги следи настаните во Сирија, каде што и формално за премиер до 1 март на преодната сириска влада беше избран Мухамед ал Башир. Неговото именување беше објавено во понеделник, како резултат на договорот меѓу силите што го соборија режимот на Асад. Башир се сретна со членовите на поранешната влада.
Папата Фрањо ја сподели со светот надежта дека патот на стабилност и единство ќе продолжи, без ново насилство и раздор, како оние што ја мачат оваа земја повеќе од десет години.
Се надевам дека ќе се дојде до политичко решение кое без дополнителни конфликти и поделби, одговорно ќе ја промовира стабилноста и единството на земјата.
Почитување меѓу религиите
Своите мисли Папата ги упати пред се кон сирискиот народ кој ги довери под застапништвото на Дева Марија – како што рече – за да доживеат мир и безбедност во својата сакана земја. Како што направи вчера државниот секретар кардинал Пјетро Паролин, и Папата упати апел до верските малцинства:
Различните религии нека чекорат заедно во пријателство и взаемно почитување во корист на оваа нација разурната од долгата војна.
Решение за Украина
Како и на секоја аудиенција во среда, Римскиот бискуп не пропушти да ги спомене и земјите зафатени од војна. Почнувајќи од Украина рече: Секогаш мислам на напатената Украина, која толку многу страда во оваа војна. Да молиме да се најде решение.
„Нека се врати мирот“
Откако ги спомена и Палестина, Израел и Мјанмар, папата Фрањо повторно повика за мир во тие подрачја: „Нека се врати мирот, нека биде мир“. Војната е секогаш пораз, да молиме за мир.
Ватикан њуз/к.мк