На 21 декември 2018 година во Ватикан, папата Фрањо ги прими членовите на Римската курија по повод традиционалната божиќна честитка и во говорот се осврна на проблемите на Црквата, но и на бројните маченици и тивките сведоци на Евангелието кои ја осветлуваат темнината на човештвото.
На почетокот и на крајот од говорот Папата истакна дека Божиќ потврдува дека големите зла кои ги направиле некои поединци никогаш нема да можат да го засенат целото добро кое Црквата бесплатно го прави во светот, затоа што Божиќ секоја година нè потсетува дека Божјата светлина продолжува да сјае и покрај нашата човечка беда, и дека сите гревови, падови и злото кои ги направиле некои синови на Црквата никогаш нема да можат да ја потемнат убавината на нејзиното лице; уште повеќе покажуваат дека нејзината сила е во Исус Христос, Спасителот на светот.
Во немирниот свет коработ на Црквата проживеа и живее тешки моменти, погодена од бури и урагани; некои ја загубија довербата во неа и започнаа да ја напуштат; други пак заради страв, интерес или некои сокриени намери, се обидуваат да го удараат нејзиното тело зголемувајќи ги раните; а некои не го сокриваат задоволството гледајќи ја погодена – рече Папата. Меѓутоа – додава – многумина и понатаму се држат за неа, сигурни дека вратите на пеколот нема да ја надвладеат. Навистина, ниту едно човечко дело не може да ја спречи зората на божествената светлината повторно да се роди во срцата на луѓето.
Силно ангажирање на Црквата сторителите да се предадат на правдата
Црквата ќе направи сè што е потребно за да ги предаде на правдата оние кои сториле злоупотреба, а кои често зад љубезното и ангелско лице сокриваат суров волк. И Црквата е жртва на таа неверност и на тие вистински кривични дела на затајување.
Црквата никогаш нема да настојува да сокрие или потцени ниту еден случај. Не може да се негира дека во минатото некои одговорни заради непромисленост, неверување, неподготвеност, недостаток на искуство или духовна и човечка површност, во голем број случаи не реагирале доволно сериозно и брзо. Тоа никогаш повеќе не смее да се случи. Тоа е изборот и одлуката на целата Црква – истакна папата Фрањо.
Спомнувајќи ја средбата со претседателите на епископските конференции од целиот свет која треба да се одржи во февруари следната година во Ватикан, а на која ќе настојува направените грешки да се претворат во можност за искоренување на тоа зло од телото на Црквата, но и од општеството, Папата се запраша ако тоа големо зло погодило некои посветени служители, колку тоа може да биде длабоко во нашите општества и во нашите семејства? Затоа Црквата нема да се ограничува за да се излекува, но ќе настојува да се соочи со тоа зло кое предизвикува бавна смрт на многу луѓе, на морално, психолошко и човечко ниво.
Благодарност до медиумите и повик до сторителите да се предадат на човечката правда
Меѓу останатото, Светиот Отец се заблагодари на медиумските работници кои биле чесни и објективни и кои настојувале – како што рече: да ги разоткријат тие волци и да им дадат глас на жртвите. Потсетувајќи потоа на ликот на царот Давид и на неговото одалечување од Бог, Папата поттикна на помош на Светата Мајка Црква за да ги препознае и разликува обвинувањата од клеветите, и оние кои ги злоупотребуваат малолетниците ги повика да се преобратат, да се предадат на човечката правда и да се подготват за Божјата. Притоа потсети на Исусовите зборови: „А кој соблазни едно од овие мали, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина.“ Скандалите се неизбежни, но тешко на човекот заради кој се случил тој скандал – истакна Папата.
Нови Нерони денес ги угнетуваат христијаните
Меѓу неволјите, освен злоупотребата, Папата ги спомна мигрантите кои се среќаваат со смртта или со затворени врати; потоа на возрасните и посебно на децата кои секој ден умираат заради недостаток на вода и храна; насилството над слабите и над жените; војните; недолжната крв која се пролева секој ден; луѓето кои се мачат во полициските станици, затворите или во бегалските кампови. Нашето време е повторно период на маченици на кој не му се гледа крајот – рече Светиот Отец.
Постојано се раѓаат нови Нерони кои ги угнетуваат верниците само заради нивната вера во Христос – рече Папата. Се множат новите екстремистички групи земајќи ги на нишан црквите, местата за богослужби, свештениците и едноставните верници. Колку христијани на многу краишта во светот и денес уште живеат под товарот на прогонот, маргинализацијата, дискриминацијата и неправдата! И покрај тоа и понатаму храбро одат во смрт за да не Го негираат Христос.
Од друга страна Папата потсети и на херојскиот пример на мачениците и многубројните добри Самарјаници, меѓу кои има млади, семејства, каритативни и доброволни движења, голем број верници и посветени лица. (…)
Оние кои го изневеруваат звањето сеејќи раздор
Меѓу неволјите, Папата ја спомна и неверноста на оние кои го изневеруваат своето звање, кои се кријат зад добрите намери за да зададат удар на браќата и да посеат раздор и поделби. Затоа ги повика сите да се борат против духовната корупција во која на крајот сè изгледа дозволено: измамата, клеветата и бројните случаи на автореференција.
Бројни тивки сведоци на Евангелието
Папата во говорот се осврна и на радосните моменти во изминатата година, како што е синодата посветена на младите и реформата на Куријата. Освен тоа, ги спомна и напорите околу транспаретноста во економијата, потоа новите светци и блажени, и „скапоцените камења“ кои во светот зрачат надеж како што се 19 алжирски маченици.
Божиќ – треба да го отвориме срцето за вистинското светло
На крајот Папата истакна дека силата на било која институција не е во тоа што ја сочинуваат совршени луѓе, туку во нејзината волја постојано да се прочистува. Затоа ги поттикна сите да го отворат срцето за вистинското светло Христос, светлото на доброто и љубовта кое го надминува злото и омразата и ја победува смртта. Божиќ дава сигурност дека силата на Црквата и на нашата секојдневна работа често се сокриени во Светиот Дух Кој ја води и штити низ вековите, пробликувајќи ги гревовите во можности за простување, падовите за обнова и злото за прочистување и победа – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк