На вториот ден од „покајничкото ходочастие“ во Канада, на 25 јули 2022 година, папата Фрањо се сретна со домородните народи во резерватот Масквацис и побара прошка за улогата на Католичката црква во обидите за искоренување на нивните корени.
На почетокот на 37. Меѓународно Апостолско патување со мотото „Да одиме заедно“, Папата ја изрази својата близина со домородните народи, кои ги има околу 600 во Канада, меѓу најголемите се Метис, Инуитите и Првите нации, со цел за исцелување и помирување, барајќи прошка за улогата на Католичката црква во политиката на културна асимилација, особено во системот на резиденцијални училишта, присилната интеграција на домородните млади во евро-канадската култура со одвојување од нивните семејства и сместување во интернати .
На почетокот на посетата на резерватот, на околу седумдесет километри јужно од Едмонтон, главниот град на провинцијата Алберта, Папата се помоли во тишина на гробиштата на жртвите од резиденцијалните училишта, како и на местото на поранешното училиште, каде што беше пречекан од неколку поглавари на домородните народи. Премиерот Џастин Трудо и генералниот гувернер Мери Сајмон беа присутни на средбата во паркот Масквацис (Bear Park) заедно со околу 4.000 претставници на домородните народи.
Со звуци на тапаните, кои го симболизираат отчукувањата на срцето на секое суштество, на сцената стапија индиските поглавари, сегашни и бивши, со симболи на културата на својот народ, меѓу кои посебно место заземаат орелот и сонцето. На крајот од процесијата носеа долго платно со имињата на децата кои ги загубија животите во резиденцијалните училишта и ја отпеаја победничката песна на домородните народи. Поглаварите претставници го зазедоа своето место на бината покрај папата Фрањо, а потоа следуваше танц, богат со симболика на бројот четири и Мајката Земја. Потоа на Папата добредојде му посака поглавицата на народот Кри Вилтон Литлчајлд, преживеан од резиденцијално училиште, адвокат, политичар и активист за правата на домородните луѓе.
Папата истакна дека доаѓа на ова „покајничко ходочастие“ за да ја изрази својата близина со нив, неговата тага и да се моли за нив и со нив. Тој веднаш се осврна директно на системот на резиденцијални училишта кои со децении, често под водство на католичките заедници, се обидуваа да ги „превоспитаат“ домородните деца и млади; физички, вербално, психолошки и душевно малтретирајќи ги децата киднапирани од нивните домови. Сето тоа сериозно го наруши односот меѓу родителите и децата, бабите и дедовците и внуците, истакна Папата, осврнувајќи се на сведочењата на претставниците на домородните народи кои пролетва ги прими во Ватикан.
Иако во тие интернати имаше христијанска близина, општите последици од политиката на културна асимилација на тие училишта беа погубни, неспоиви со евангелието на Исус Христос. А последиците се чувствуваат и денес. Соочени со ова зло, Црквата клечи пред Господа барајќи прошка за гревовите на своите чеда, истакна папата Фањо, осврнувајќи се на булата на свети Иван Павле II. Incarnationis mysterium од 1998. „Сакам и јас посрамено да повторам: понизно барам прошка за злото што толку многу христијани им го нанесоа на домородните народи“, рече Папата, а неговите зборови беа придружени со аплауз од учесниците на средбата.
На крајот, Светиот Отец врати пар детски мокасини, како што вети кога домородните делегации му ги предадоа во Ватикан на почетокот на април. Тие го симболизираат страдањето на домородните деца, особено на оние кои никогаш не се вратиле од резиденцијалните училишта. Откако ги примил, во него тие предизвикувале „болка, огорченост и срам“, но тие се и знак за патот по кој сакаме да чекориме заедно – заедно да се молиме и да се стремиме страдањата од минатото да отстапат место на иднината на правда, исцеление и помирување, рече Папата.
На крајот од првиот говор на Папата на канадска територија, беше испеана уште една песна во спомен на жртвите и благодарност до Папата, а му беа врачени подароци – културни симболи на домородните народи – вклучувајќи и перјаница на поглаварот, која ја ставија на неговата главата како симбол на водач, а потоа сите заедно ја молеа Господовата молитва и добија благослов од Папата.
Папата потоа се врати во семинаријата Свети Јоисф на ручек, а попладне ќе се сретне со припадниците на домородните народи и со членовите на парохиската заедница „Пресвето Срце“ во Едмонтон, на кои исто така ќе им се обрати со говор.
Ватикан њуз/к.мк