Папата: На Црквата ѝ е потребна евхаристиска духовност на единство во љубовта

Папата: На Црквата ѝ е потребна евхаристиска духовност на единство во љубовта

На средбата со контемплативни монахињи, папата Лав XIV ја истакна нивната улога во Црквата како ткајачки на заедништво, преку нишките на молитвата, работата и евхаристиското обожавање.

Папата Лав XIV во сабота, 5 септември 2026 година, се сретна со неколку членки на Вечните обожавателки на Пресветата Тајна, познати и како сестри Сакраментинки.

Основани во Рим во 1807 година од блажена Марија Магдалена од Воплотувањето, овие контемплативни монахињи го посветуваат својот живот на деноноќно обожавање пред Пресветата Тајна и го следат правилото на свети Августин.

Монахињите што се сретнаа со Папата се дел од Федерацијата на Светиот Дух, група од околу 30 манастири, претежно во Мексико. Федерацијата е основана пред 50 години и опфаќа приближно половина од манастирите на оваа конгрегација, распространети низ светот.

Во своето обраќање, папата Лав XIV рече дека присуството на сестрите Сакраментинки е „светло сведоштво за Божјата дарежливост, која во човечкото срце ја сее желбата да го бара и контемлира Неговото лице“.

Нивната посветеност на евхаристиското обожавање, рече Папата, е одговор на длабокиот копнеж по Бога, врежан во срцето на човекот.

„Ова постојано барање на Божјото лице, кое на посебен начин го обележува монашкиот живот, добива особена димензија во повикот што сте го примиле“, рече тој. „Тоа се изразува во живот целосно посветен на непрестајно и тивко обожавање на Бога, Кој стана леб и Кој нè повикува да се соединиме со Него во жртвата на олтарот, за да станеме едно тело.“

Папата Лав XIV потсети на објаснувањето на свети Августин дека лебот и виното на олтарот се „тајна на единството на верниците во Христос“.

„Поради тоа“, рече Папата, „потребна ни е евхаристиска духовност, односно духовност на црковно единство во љубовта.“

Во својот секојдневен живот, посветен на обожавање, контемплативните монахињи „ја зрачат низ светот убавината на Христовото лице во Пресветата Тајна“.

„Пројавувајќи ја во Црквата посебната харизма што ја примивте од вашата основателка“, рече тој, „повикани сте да бидете ткајачки на заедништво, преку нишките на молитвата и работата, евхаристиското обожавање и сестринското споделување во манастирот.“

На крајот, папата Лав XIV ги повика сестрите Сакраментинки да го живеат своето посветување на Бога со обновена надеж и со желба за светост.

Тој ги охрабри да запомнат дека „верноста кон древната и секогаш нова мудрост на Евангелието е најдобриот пат за оние што, водени од Светиот Дух, се посветуваат на љубовта кон Бога и ближниот“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот