Папата на  светата Литургија во Брисел: Евангелието на милосрдието нека биде основа на нашите одлуки

Папата на  светата Литургија во Брисел: Евангелието на милосрдието нека биде основа на нашите одлуки

Папата Фрањо во недела 29 септември 2024 година во Брисел ја предводеше светата Литургија и беатификацијата на преподобната слугинка Божја Ана де Жезус.

На почетокот на проповедта тој се осврна на навестениот евангелски дел. „А кој соблазни едно од овие мали, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина“.  Со овие зборови, упатени до учениците, Исус предупредува на опасноста од соблазната, односно попречување на патот на „малите“. Ова е силно, сериозно предупредување за кое мораме да застанеме и да размислиме, рече тој, истакнувајќи три клучни зборови: отвореност, заедништво и сведоштво.

Зборувајќи за отвореноста, тој потсети на слободното делување на Светиот Дух, кој со својот дар на пророштво ги исполнува не само старешините кои одеа со Мојсеј во Шаторот на средбата, туку и двајцата мажи кои останаа во логорот. Слично нешто се случило во времето на Исус во Капернаум, кога неговите ученици сакале да спречат некој човек да истера зли духови во името на Учителот. Тие мислат: „Кој не нé следи, кој не е „еден од нас“ не може да прави чуда, нема право на нив“. Но Исус – како и секогаш – ги изненадува и ги прекорува, повикувајќи ги да ги надминат своите обрасци, да не се „соблазнуваат“ од Божјата слобода, истакна Папата и ги повика присутните внимателно да ги разгледаат овие два примера затоа што се однесуваат на нас и на нашиот христијански живот.

„Всушност, преку крштевањето сите имаме добиено послание во Црквата. Но, тоа е дар, а не титула за фалење. Заедницата на верници не е круг на привилегираните, тоа е семејство на спасените, затоа не сме пратени да го носиме Евангелието на светот по сопствените заслуги, туку по милоста Божја, неговото милосрдие и верувајте дека, без оглед на сите наши ограничувања и гревови, Тој продолжува да смета на нас со љубовта на Отецот, гледајќи во нас она што ние самите не можеме да го видиме. Затоа нé повикува, нé праќа и трпеливо нé следи од ден на ден“.

Затоа, ако сакаме да соработуваме, со отворена и грижлива љубов, во слободното делување на Духот, а не да бидеме камен на сопнување или пречка за никого со нашата дрскост и цврстина, треба да го исполниме нашето послание понизно, со благодарност и радосно, додаде Светиот Отец, велејќи дека тоа води до вториот клучен збор, а тоа е заедништво.

Тој предупреди на патот на егоизмот, кој создава само затвореност, ѕидови и пречки. Егоизмот, како и сè што го попречува милосрдието, е „соблаза“ затоа што ги гази најмалите, го понижува достоинството на луѓето и го задушува плачот на сиромашните. Да размислиме, на пример, што се случува кога животот на поединците и заедниците се заснова исклучиво на принципите на интерес и логиката на пазарот. Се појавува свет во кој нема повеќе место за оние кои се во тешкотии, нема милост за оние кои грешат и нема сочувство за оние кои страдаат и едвај врзуваат крај со крај. Тоа не смее да биде, нагласи папата Фрањо.

Светиот Отец ги охрабри присутните да размислат што се случува кога децата се заведени и малтретирани, кога ги малтретираат оние кои треба да се грижат за нив, да размислуваат за раните, болката и слабоста на жртвите, но и на члновите на семејството и заедницата.

Во Црквата има место за секого, за секого, за секого, но на сите ќе ни се суди и нема место за злоупотреба, нема место за прикривање на злоупотреба. Ве молам сите: не прикривајте злоупотреба! Ве молам бискупи: не прикривајте злоупотреби! Насилниците мора да бидат осудени и да им се помогне да се излечат од оваа болест на злоупотреба.

Папата повика да се слушаат Исусовите зборови од Евангелието. Далеку од нас нека е соблазливото око што ги гледа сиромашните и ја врти главата на другата страна! Далеку од нас нека е соблазливата рака, која ја стега шаката за да го скрие своето богатство и лакомо се повлекува во своите џебови! Таа рака што удира за да изврши сексуална злоупотреба, злоупотреба на моќ, злоупотреба на совеста врз оние кои се послаби. А колку случаи на злоупотреба имаме во нашата историја, во нашето општество, рече тој и продолжи:

Далеку од нас нека е соблазливата нога, која кое брза да не биде со оние што страдаат, туку да помине и да се оддалечи! Сето тоа нека биде далеку од нас! Ништо добро и цврсто не се гради така, посочи Петровиот наследник.

Светиот Отец потсети дека сака да ги прашува луѓето, кога даваат милостина, дали ја допираат раката на сиромашниот или само фрлаат пари и гледаат на другата страна, дали гледаат во очите на луѓето кои страдаат.

Ако сакаме да посееме семе за иднината, и на општествен и на економски план, добро е уште еднаш да го ставиме Евангелието на милосрдието во основата на нашите одлуки. Во спротивно, колку и да изгледаат импозантно, спомениците на нашето богатство секогаш ќе бидат огромни статуи со глинени стапала. Да не се залажуваме: без љубов, ништо не трае, сè исчезнува, се распаѓа и нè остава заробеници на минливиот, празен и бесмислен живот, неконзистентен свет кој, кога ќе погледнете зад надворешноста, го изгубил целиот кредибилитет, затоа што се соблазнати малите.

Во однос на третиот клучен збор – сведоштво – Папата рече дека можеме да бидеме вдахновени од животот и делото на Ана де Жезус на денот на нејзината беатификација. Тој рече дека таа била меѓу протагонистите на големото реформско движење во Црквата од нејзиното време, по стапките на Тереза ​​од Авила, чии идеали ги шири во Шпанија, Франција, а исто така и во Брисел и во делови од Холандија.

Во време обележано со болни скандали, внатре и надвор од христијанската заедница, таа и нејзините соработнички со својот едноставен и сиромашен живот, составен од молитва, работа и милосрдие, успеаја да вратат многу луѓе во верата, така што некој го опиша нивното основање во овој град како „духовен магнет“, нагласи Светиот Отец, додавајќи дека блажената Ана не оставила никакви записи зад себе. Наместо тоа, таа се посветила на спроведување на наученото и со својот начин на живот придонесе за заживување на Црквата во време на големи тешкотии.

Затоа, со благодарност да го прифатиме моделот на „женска светост“ што ни го остави, деликатен и силен, создаден од отвореност, заедништво и сведоштво. Да се ​​препорачаме на нејзината молитва, да ги наследуваме нејзините крепости и заедно со неа да ја обновиме нашата решителност да чекориме заедно по стапките на Господ, поттикна Папата на крајот од својата проповед на светата Литургија за беатификација на Ана де Жезус во Брисел.

Ватикан њуз/к.мк

 

 

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот