Папата на гробиштата Верано во Рим: Бог отвори премин кон вечниот живот во тунелот на смртта
Папата Лав XIV служеше света Литургија на 2 ноември, попладне на гробиштата Верано во Рим за сите починати. Во својата проповед, тој потсети дека христијанската вера ни помага да го живееме сеќавањето не само како сеќавање на минатото, туку, пред сè, како надеж за иднината: „Не е илузија да се ублажи болката, ниту човечкиот оптимизам; тоа е надеж заснована на воскресението“.
Навестувањето за животот – вечниот живот, даден од Христос, – одекнува меѓу надгробните споменици и гробовите на починатите: Бог ќе ја отстрани смртта засекогаш. Тој ја победи засекогаш, отворајќи го преминот кон вечниот живот во тунелот на смртта, за да можеме и ние, соединети со Него, да влеземе и да поминеме низ него – нагласи папата Лав XIV на римските гробишта во Верано, каде што, во присуство на околу две и пол илјади верници, служеше света Литургија за упокојување на сите верни починати.
Спомен на починатите: „Ги носиме со себе во спомен на нашите срца“
Папата ја започна својата проповед со сеќавање на починатите. На денот на нивната смрт, тие нè напуштија, но ние секогаш ги носиме со себе во сеќавањето на нашите срца. Во сеќавање кое е живо – рече тој, додавајќи:
„Честопати нешто нè потсетува на нив – слики што нè враќаат на она што сме го доживеале со нив. Бројни места, дури и мирисите на нашиот дом, ни кажуваат за оние што сме ги сакале, а кои повеќе не се со нас, и го одржуваат жив споменот на нив.“
Идна надеж, заснована на воскресението на Исус
Христијанската вера, заснована на воскресението Христово, ни помага да го доживуваме сеќавањето не само како минато сеќавање, туку пред сè како идна надеж – истакна Папата. Затоа, тоа не е враќање назад, туку поглед напред, кон целта на нашето патување, кон безбедното пристаниште што ни го вети Бог, кон бесконечната прослава што нè очекува, во која смртта е отстранета засекогаш.
„Токму оваа „идна надеж“ поттикнува на сеќавање и молитва. Не е илузија што служи за ублажување на тагата од разделбата од најблиските, ниту пак е само човечки оптимизам – нагласи Светиот Отец – туку е надеж заснована на воскресението на Христа, кој ја победи смртта и ни го отвори патот кон полнотата на животот.“
Љубовта ја победува смртта
„Христос е целта на нашето патување – додаде Папата, потсетувајќи се на својата неодамнешна катехеза на Генералната аудиенција. Тој го гарантира нашето пристигнување, тој нè води дома, каде што сме очекувани, сакани, спасени. И тоа конечно одредиште ќе биде средбата со љубовта. Таа љубов со која Бог нè создал, истата љубов со која Неговиот Син нè спасува од смртта, истата љубов што сака да живееме вечно со нашите најблиски. Затоа – нагласи Папата –одиме кон целта и ја очекуваме, во непобедлива врска со оние што заминале пред нас, само кога живееме во љубов и практикуваме љубов еден кон друг, особено кон најслабите и најсиромашните.“
Љубовта ја победува смртта. Во љубовта, Бог ќе нè обедини со нашите најблиски. И, ако одиме во љубов, нашиот живот станува молитва што се издига и нè обединува со починатите, привлекувајќи нè поблиску до нив, додека чекаме повторно соединување со нив во вечната радост.
Брише секоја солза
Светиот Отец ги охрабри верниците да веруваат во надежта што не разочарува. „Да гледаме кон воскреснатиот Христос и да мислиме на нашите драги починати обвиткани во Неговата светлина; да дозволиме Господовото ветување за вечен живот да има смисла и за нас. Тој ќе ја отстрани смртта засекогаш. Тој нè чека, и кога ќе Го сретнеме на крајот од овој земен живот, ќе се радуваме со Него и со нашите најблиски кои починале пред нас – рече Папата, додавајќи:
„Нека тоа ветување нè поткрепи, нека ги избрише солзите и нека го насочи погледот напред, кон таа идна надеж што никогаш не разочарува.“
По враќањето во Ватикан, папата Лав XIV појде во криптата на Ватиканската базилика каде се помоли за починатите Папи.
Ватикан њуз/к.мк

