Постојат луѓе кои живеат озборувајќи и обвинувајќи ги другите, а никогаш не размислуваат за себе.
Папата Фрањо во проповедта која ја одржа за време на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 6 септември 2018 година, зборуваше за спасението кое не е „козметичко“, туку она кое преобразува. Мора да се признаеме за грешници, затоа што ако не научиме да се обвинуваме самите себе, не можеме да живееме христијански – рече Папата фокусирајќи се на делот од Евангелието според Лука (5, 1-11) во кое Исус влегува во коработ на Петар и откако проповеда го повикува да ги фрли мрежите и тогаш се случува чудесен улов.
Тоa е настан кој нѐ потсетува на вториот чудесен улов, оној после воскресението кога Исус ги прашува учениците дали имаат нешто за јадење – рече Светиот Отец и објасни: Во двата случаи, Петар е помазан. Во првиот како рибар на луѓе, потоа како пастир. После тоа Исус го променува неговото име Симон во Петар, а како добар Израелец Петар знаел дека промената на името значи промена на посланието. Се чувствувал горд затоа што навистина го љубел Исуса и тој чудесен улов на риби претставува напредок во неговиот живот.
Откако видел дека мрежите речиси се скинале заради големата количина риби, паѓа до Исусовите нозе говорејќи: „Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!“ (Лк 5, 8) – истакна папата Фрањо и рече: Тој е првиот одлучен чекор на Петар и тој треба да биде првиот чекор на секој од нас. Ако сакаме да живееме духовен живот, Исусов живот, да му служиме на Исус, да го следиме Исус, мораме тоа да го направиме, да се обвиниме самите себе, затоа што ако не се обвинуваме самите себе, не можеме да живееме христијански.
Меѓутоа постои една опасност. Сите знаеме дека сме грешници, но не е лесно да се обвиниш самиот себе за конкретни гревови – рече Папата и продолжи: Навикнати сме да зборуваме: грешник сум, но во исто време говориме човек сум или Италијанец сум. Меѓутоа да се обвиниш самиот себе значи да ја чувствуваш сопствената беда: да се чувствуваме бедни и сиромашни пред Господ. Се работи за чувството на срам. Тоа е нешто што не се прави со зборови, туку со срцето. Тоа е конкретното искуство како кај Петар кого му вели на Исус да се одалечи од него грешникот. Се чувствувал навистина грешник, а потоа почувствувал дека е спасен.
За спасението кое ни го донесува Исус треба искрено признание затоа што тоа не е работа на козметиката која со два потега малку го променува лицето – истакна Светиот Отец. Тоа преобразува, но за да делува треба да му се направи место со искрено признавање на сопствените гревови, така може да се искуси воодушевувањето на Петар. Првиот чекор во преобраќањето е да се обвиниме самите себе со чувството на срам и воодушевување, почувствувајќи се спасени. Мораме да се преобратиме, мораме да правиме покора – поттикна Папата повикувајќи да размислуваме за искушението за обвинувањето на другите.
Постојат луѓе кои живеат озборувајќи и обвинувајќи ги другите, а никогаш не размислуваат за себе – рече папата Фрањо и запраша: Кога одиме на Исповед, како се исповедуваме, како папагали? Сме го направиле тоа и тоа, само набројуваме? Ви го допира ли срцето она што сте го направиле? Често не допира; па одите таму заради козметика, ги разубавувате гревовите за да излезете убави. Меѓутоа спасението потполно не влегло во вашето срце затоа што не сте му направиле место, затоа што не сте биле способни да се обвините самите себе.
Првиот чекор е милоста секој да научи да се обвинува себе, а не другите – рече на крајот Папата и напомена: Знак дека човекот не знае, христијанинот не знае да се обвинува самиот себе е кога ќе се навикне да ги обвинува другите, да зборува лошо за другите и да го става носот во туѓите животи. Тоа е лош знак. Го правиме ли тоа? Тоа е добро прашање за да дојдеме до своето срце. Да го молиме денес Господ за милост да се најдеме пред Него со тоа воодушевување кое го дава Неговото присуство и милоста да се почувствуваме грешници, но конкретно и како Петар да кажеме: „Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!“ заврши Светиот Отец
Ватикан њуз/к.мк