Папата Лав: Спортот може да им помогне на младите да ја надминат изолацијата

Папата Лав: Спортот може да им помогне на младите да ја надминат изолацијата

Во време кога многу млади се соочуваат со социјална изолација, папата Лав XIV истакна дека спортот ги поттикнува „да излегуваат, да се среќаваат со другите, да се соочуваат со физичката реалност и со напорот и да градат односи во рамките на тимот или спортската група“.

Папата Лав XIV во петок, 27 ноември 2026 година, ја истакна „непроценливата служба“ што ја врши Италијанскиот спортски центар, ЦСИ, во формирањето на младите кои се занимаваат со спорт, како и во придружувањето на оние што работат со нив и ги организираат спортските активности.

На средбата со учесниците на Националната конференција на црковните асистенти на ЦСИ, Папата рече дека уште од своето основање организацијата се посветува на „промовирањето на спортот како средство за човечко и христијанско формирање на личноста“.

Тој потсети и на постојаната поддршка што Светиот Престол и Црквата во Италија ѝ ја давале на мисијата на ЦСИ. Притоа се осврна на зборовите на папата Пиј XII за вредностите на спортот, како што се лојалноста, храброста, издржливоста, решителноста и универзалното братство, како и на неговото уверување дека спортот може да биде средство за „интелектуално и морално усовршување на душата“.

Спортот како алтернатива на изолацијата

Истакнувајќи дека „денешниот културен и општествен контекст многу млади ги води кон одредена изолација“, при што поминуваат многу време на интернет и на социјалните мрежи, папата Лав рече дека „спортот е една од активностите што најмногу ги поттикнува да излегуваат, да се среќаваат со другите, да се соочуваат со физичката реалност и со напорот и да градат односи во тимот и спортската група“.

Кога добро ги водат раководители и тренери, спортските здруженија како ЦСИ „можат многу да им помогнат на адолесцентите и младите да развијат отворена личност, богата со човечки и духовни вредности“. Папата додаде дека спортот има и природна општествена вредност која, кога е насочена од христијанскиот дух, воспитува за несебичност, почит кон другиот и братство.

Улогата на црковните асистенти

„На нашите млади многу им се потребни вакви формативни искуства“, рече папата Лав. Тој објасни дека задача на црковните асистенти е да ги придружуваат младите „по овој пат преку соодветни лични и заеднички патишта, во парохиите, ораториумите, училиштата, преку спортските друштва и во сите средини во кои Италијанскиот спортски центар ја извршува својата мисија“.

Нивното присуство, продолжи Папата, треба да биде дискретно, но постојано, да создава можности за личен и заеднички дијалог, да помага во надминувањето на недоразбирањата и конфликтите, да поттикнува искрени и зрели пријателства и да биде „покана за средба со Христос во Словото и светите Тајни“.

Заблагодарувајќи им се на присутните за нивната работа, папата Лав ги повика да продолжат со својата служба „со посветеност и доверба“ и да му ја доверат својата мисија на Господ преку застапништвото на Пресвета Богородица, Свети Пјер Џорџо Фрасати и сите светци заштитници на младите.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот