Папата Лав пристигна во Либан

Папата Лав пристигна во Либан

Топло добредојде го одбележа пристигнувањето на папата Лав XIV – „Баба Ловун“ на арапски – во Бејрут, либанската престолнина, втората етапа од првото апостолско патување на папата.

Авионот со Папата пристигна на аеродромот во Бејрут во 15:34 часот по локално време. Папата Лав XIV со тоа го продолжува своето шестдневно патување на Блискиот Исток.

„Баба Ловун“ е во Либан! По 13 години, Земјата на кедрите повторно го пречекува Папата, а посетата е навремена.

Градот се наоѓа на околу 100 км од Дамаск, главниот град на Сирија, и на слична оддалеченост од северен Израел. Ова веќе открива дел од контекстот и важноста на оваа втора фаза од апостолското патување на папата Лав.

Додека фокусот во Турција беше ставен на екуменизмот и меѓурелигискиот дијалог, централната тема во Бејрут е мирот, изразен во мотото на посетата: „Блажени се миротворците“.

Либан се соочува со една од најлошите економски кризи во модерната историја, со инфлација и драматична девалвација на локалната валута.

Недостасуваат основни услуги: чести прекини на електричната енергија и недостиг на лекови и гориво. На ова се додаваат системската корупција и присуството во земјата на приближно два милиони бегалци, вклучувајќи Сиријци и Палестинци – околу една третина од населението – што ги зголемува социјалните тензии.

Во отсуство на државата, религиозните институции, особено оние поврзани со Католичката црква, играат витална улога во поддршката на населението.

Домаќинот на Папата, кардиналот Бечара Бутрос Раи, патријарх на Маронитите, ја поздрави посетата на Папата во интервју за „Ватикан њуз“.

„Светиот Отец носи со себе духовни и морални димензии и не доаѓа со празни раце; тој доаѓа полн со духовни и морални дарови. За мене, ова е личен апел до секој од нас Либанците – апел за промена, за свртување на страницата и отворање на нова, страница на мирот, на надежта. Не можеме да живееме како ништо да не се случило. Папата доаѓа, се одржуваат церемонии, се искажува добредојде, тој си заминува и сè се враќа како што беше порано. Не. Се надеваме дека Либанците малку ќе размислат и ќе ја ценат вредноста на оваа посета, бидејќи Светиот Отец знае дека Либан минува низ многу, многу критичен момент.“

Демократскиот систем и конфесионалниот плурализам на Либан се разликува од сите други земји на Блискиот Исток.

Всушност, првите настани на агендата на папата Лав XIV се посветени на политичките институции: церемонијата на добредојде на аеродромот и посетата на претседателот на земјата, Жозеф Аун, кој, според Уставот, секогаш мора да биде маронитски христијанин.

Потоа следува средбата со претседателот на Парламентот, Набих Бери, по што следи средба со премиерот, Наваф Салам.

На овој начин, Папата ќе се сретне со претставниците на трите столба на либанскиот конфесионален систем: маронитски, шиитски и сунитски.

Последниот состанок во недела ќе биде средбата со властите, граѓанското општество и членовите на дипломатскиот кор, за време на која папата Лав ќе го одржи своето прво обраќање во Либан.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот