Папата Лав им се заблагодари на француските бискупи за „незаборавната“ посета

Папата Лав им се заблагодари на француските бискупи за „незаборавната“ посета

Во писмо до француските епископи, папата Лав XIV изрази благодарност за неговото неодамнешно апостолско патување во Франција и ја повика Црквата да продолжи да ги поддржува младите и жртвите на злоупотреба.

Додека француските епископи во вторник, 3 ноември 2026 година, го започнаа своето есенско пленарно собрание во Лурд, папата Лав XIV им се заблагодари што придонеле неговото неодамнешно апостолско патување во Франција да стане „незаборавно искуство“.

Во писмото од 1 ноември, Папата ги повика епископите да размислат за пасторалните плодови од неговата посета.

Собранието го отвори кардиналот Жан-Марк Авелин, надбискуп на Марсеј и претседател на Француската бискупска конференција, по што беше прочитано писмото на Светиот Отец.

„Нешто повеќе од еден месец по моето апостолско патување во Франција, сакам уште еднаш да ја изразам мојата благодарност за извонредната организација на мојата посета“, напиша папата Лав XIV.

Тој истакна дека епископите и верниците, граѓанските и верските власти, како и верниците и оние кои не веруваат, ги вложиле своите способности и придонеле тие денови да станат „незаборавно искуство“.

Образованието и општото добро

Француските епископи се собраа во истата сала во Лурд каде што на 27 септември го пречекаа Римскиот епископ. Во писмото папата Лав се осврна на повеќе теми од нивната агенда, меѓу кои и образованието.

„Почитувањето на слободата на совеста на секој човек ветува голема плодност за општеството и за самата Црква“, напиша Папата, потсетувајќи на зборовите од своето обраќање за време на посетата.

Тој нагласи дека католичкото образование треба да остане верно на својата образовна мисија, во чие средиште е Христос и која има цел целосен развој на човечката личност во духовната, културната, интелектуалната, моралната и општествената димензија.

Осврнувајќи се на предизвиците со кои се запозна за време на престојот во Франција, папата Лав потсети на потребата од воспитување мажи и жени во евангелските вредности, кои се свесни за важноста на општото добро.

Такви луѓе, истакна тој, му се потребни на општеството за да може да се соочи со кризите што го разделуваат.

„Важно е да ги слушаме помладите генерации, вклучително и нивната вознемиреност, и преку здрава формација да ги охрабриме искрено да се ангажираат, вклучително и во политиката“, напиша Папата.

Неговиот повик доаѓа во период кога голем број млади луѓе во Франција, меѓу кои средношколци и студенти, во последните недели излегоа на протести, изразувајќи незадоволство и загриженост поради недостигот од перспектива за иднината.

По стапките на светците

Потсетувајќи на зборовите упатени до младите за време на бдението на стадионот „Стад де Франс“ на 25 септември, Папата ги повика француските епископи да ги следат стапките на светците, „сведоците кои ја обележале историјата на Франција“, и да дозволат да бидат обликувани од нивните учења.

„Познавањето на светците од минатото и сегашноста е извор на сила за духовниот живот“, нагласи тој.

„Не двоумете се да им помогнете на вашите верници, особено на катехумените и неофитите, да ги запознаат овие небесни пријатели“, ги повика Светиот Отец.

Според Папата, различноста на нивното потекло и сведоштво покажува дека „светоста е достапна за сите“.

Поддршка на жртвите на злоупотреба

Последниот дел од писмото е посветен на придружувањето и поддршката на жртвите на сексуална злоупотреба во Црквата. Папата Лав XIV се сретна со некои од нив на 26 септември, за време на своето апостолско патување во Франција.

Прашањето за злоупотребите останува една од темите за кои разговараат епископите на своето пленарно собрание.

„Бидејќи светоста подразбира милосрдие во вистината, ве охрабрувам, водени од овие две доблести, да продолжите со вашата работа во придружувањето на жртвите на сексуално насилство и злоупотреба на моќ и контрола“, напиша Папата.

Тој нагласи дека е од суштинско значење заедницата на верниците сè повеќе да станува место каде што мажите и жените од сите возрасти ќе можат да најдат утеха и исцеление.

На крајот, папата Лав XIV ја довери работата на француските епископи на застапништвото на Пресвета Богородица од Лурд.

„Нека таа ја придружува вашата пасторална мисија меѓу вашите епархиски заедници, за светоста да продолжи да цвета и да се развива во Франција“, порача Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.к

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот