Канцеларијата за печат на Светиот Престол соопшти дека папата Лав XIV добро ја поминал втората ноќ во болницата „Џемели“ во Рим, дека станал и појадувал, се веили во најновото известување по успешната операција на белите дробови извршена во вторник.
„Папата имаше добра ноќ во болницата, стана и појадуваше“, соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол во четвртокот наутро, 15 октомври 2026 година, два дена откако папата Лав беше подложен на успешна операција на белите дробови без компликации.
Папата Лав XIV беше опериран во болницата „Џемели“ во вторникот попладне, при што лекарите му го отстранија долниот лобус на десното белодробно крило, како што беше објаснето во соопштението објавено од Канцеларијата за печат на Светиот Престол истата вечер.
Ткивото испитано за време на операцијата ја потврди дијагнозата на „аденокарцином на белите дробови“, за која лекарите се сомневале врз основа на претходно направените испитувања.
Папата помина приближно три часа во операционата сала, додека самиот хируршки зафат траеше околу 90 минути и помина според планираното.
По операцијата не се соопштени никакви промени во однос на претходно најавениот престој во болница од околу една недела.
Закрепнувањето напредува добро, Папата служеше света Литургија
Канцеларијата за печат на Светиот Престол во попладневните часови на 14 октомври објави соопштение од д-р Луиџи Карбоне и професор Стефано Маргаритора, началник на торакалната хирургија во болницата „Џемели“, кои заедно со медицинскиот тим ја извршија операцијата, во врска со постоперативното закрепнување на папата Лав XIV.
„Утрово“, соопштија тие, „Светиот Отец ги направи крвните анализи и рендгенската снимка на градниот кош предвидени по операцијата. Резултатите потврдуваат дека неговото постоперативно закрепнување напредува нормално: вредностите се во рамките на очекуваните граници за видот на извршената операција.“
„Светиот Отец е подложен на респираторна физиотерапија и почна да се движи низ својата соба. Продолжи нормално да се храни и појадуваше и ручаше“, додадоа тие. „Неговото закрепнување се одвива според очекувањата.“
Подоцна, Матео Бруни, директор на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, им соопшти на новинарите дека Папата во средата попладне служел света Литургија во просторија специјално подготвена за таа цел на десеттиот кат од болницата „Џемели“.
Ватикан њуз/к.мк

