Папата Лав: „Демократијата останува здрава само кога е вкоренета во моралниот закон“

Папата Лав: „Демократијата останува здрава само кога е вкоренета во моралниот закон“

Во пораката до учесниците на пленарното заседание на Папската академија за општествени науки, папата Лав XIV истакна дека демократијата може да остане здрава само кога е втемелена врз моралниот закон и врз вистинска визија за човекот. Тој предупреди и дека концентрацијата на технолошка, економска и воена моќ во рацете на малкумина претставува закана и за демократското учество на народите и за меѓународната слога.

Во своето писмо до учесниците на пленарното заседание на Папската академија за општествени науки, што се одржува од 14 до 16 април 2026 година, папата Лав XIV се осврнува на темата „Употребата на моќта: легитимитетот, демократијата и преобликувањето на меѓународниот поредок“, оценувајќи ја како особено навремена и важна за градењето мир меѓу народите.

Папата истакнува дека, според католичката социјална наука, моќта не е цел сама за себе, туку средство насочено кон општото добро. Затоа, легитимноста на власта не зависи од натрупувањето економска или технолошка сила, туку од мудроста и доблеста со кои таа се извршува.

Тој потсетува дека мудроста му помага на човекот да го распознава и да го следи вистинското добро, а не привидните добра и празната слава. Притоа нагласува дека мудроста е неразделно поврзана со моралните доблести, кои ја зацврстуваат желбата за унапредување на општото добро.

Папата посебно ги истакнува праведноста и крепоста како неопходни за здраво одлучување и за спроведување на донесените одлуки. И умереноста, додава тој, има суштинско значење за легитимното вршење на власта, бидејќи ја зауздува неуредната самовозвишеност и штити од злоупотреба на моќта.

Во ова светло, папата Лав XIV нагласува дека едно од највисоките изразувања на легитимната власт се наоѓа во автентичната демократија. Демократијата, според него, не е само постапка, туку поредок што го признава достоинството на секоја личност и го повикува секој граѓанин одговорно да учествува во остварувањето на општото добро.

Осврнувајќи се на мислата на свети Иван Павле II, Папата потсетува дека Црквата ја вреднува демократијата затоа што овозможува учество во политичките избори, како и можност граѓаните да ги избираат, да ги повикуваат на одговорност и, кога е потребно, мирно да ги заменуваат оние што владеат.

Сепак, папата Лав XIV предупредува дека демократијата останува здрава само кога е вкоренета во моралниот закон и во вистинското разбирање на човечката личност. Без таа основа, таа лесно може да се претвори во тиранија на мнозинството или во привид зад кој владеат економски и технолошки елити.

Папата истакнува и дека истите начела што треба да го водат извршувањето на власта во рамките на државите, треба да важат и за меѓународниот поредок. Тој смета дека ова е особено важно во време кога стратешките ривалства и променливите сојузи повторно ги обликуваат светските односи.

Според Светиот Отец, праведен и стабилен меѓународен поредок не може да произлезе само од рамнотежа на силите или од технократска логика. Концентрацијата на технолошката, економската и воената моќ во рацете на малкумина, вели тој, претставува закана за демократското учество на народите и за меѓународната слога.

Повикувајќи се на своите претходници, Папата потсетува на потребата од обновени институции и од универзална власт вдахновена од начелото на супсидијарност, нагласувајќи дека денес повеќе од кога било е потребно смело преосмислување на облиците на меѓународна соработка.

Во оваа перспектива на верата, папата Лав XIV потсетува дека Божјата семоќ особено се открива во милосрдието и простувањето. Божјата моќ, според неговите зборови, не владее со притисок, туку исцелува и обновува.

Оттука, токму логиката на љубовта, нагласува Папата, треба да ја вдахнува историјата, зашто човечкото дејствување поттикнато од љубовта помага да се изградува земниот град во единство и мир, како несовршена, но вистинска слика на Божјиот град.

На крајот, Светиот Отец изразува надеж дека размислувањата на учесниците ќе донесат вредни увиди за легитимната употреба на моќта, за критериумите на автентичната демократија и за обликот на меѓународниот поредок што му служи на општото добро.

Тој додава дека таквата работа може значајно да придонесе за изградба на глобална култура на помирување и мир, мир што извира од правдата и од власта ставена во служба на секој човек и на целото човечко семејство.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот