Папата Лав XIV дава интервју за американската телевизија NBC и го истакнува значењето на имиграцијата во историјата на Соединетите Американски Држави, навестувајќи дека би можел да ја посети земјата во следните неколку години.
Веднаш по неговиот одмор во Кастел Гандолфо, папата Лав XIV даде кратко интервју за американската телевизија NBC во среда навечер, 29 јули 2026 година, по молитвен настан за мир со музичка придружба од Андреа Бочели и деца од целиот свет.
Во интервјуто, Папата зборуваше за аспектите на Америка што ги сака и за историјата на земјата во прифаќањето на мигрантите.
На прашањето што мисли за тоа што е првиот „американски папа“, папата Лав појасни дека себеси се смета повеќе „како папа кој случајно е Американец“, додавајќи дека не сака да го омаловажува тоа што значи да се биде Американец.
„Роден сум во Соединетите Американски Држави. Моето семејство е сè уште во Соединетите Американски Држави. Имам голема љубов кон Америка“, рече тој.
Потоа, додаде: „Ја разбирам мојата мисија како многу важна димензија, а тоа е токму да бидам пастир на универзална Црква и да имам глас и можност да им се обраќам на луѓето во целиот свет“.
Во исто време, папата Лав XIV призна дека, за него и за народот на Соединетите Американски Држави, очигледно има „големо значење да се биде првиот американски папа“.
На прашањето што е она што го сака кај Америка, Папата зборуваше за принципите „за што се залага Америка, чувството за слобода, чувството за можности, чувството дека со генерации повикува луѓе од целиот свет да бидат дел од Америка“.
Тој истакна дека неговите баба и дедо биле имигранти во Соединетите Држави.
Гледајќи подалеку наназад, тој рече дека од страната на неговата мајка во семејството има „луѓе кои биле и робови и робовладетели“.
„Постои историја на, ако сакате, растење и искуство кое ми помага да се препознаам себеси како едно од најголемите богатства на Соединетите Американски Држави“, рече тој, „и продолжувам да ги држам принципите што се дел од тоа да се биде Американец“.
На крајот од интервјуто, тој беше прашан дали има планови да ги посети САД.
„Ќе ме видат таму. Случајно, денес го разгледувавме календарот за следните неколку години“, рече тој. „Сè уште ништо не е врежано во камен, но секако се надевам дека наскоро ќе бидам таму.“
Во последователно интервју на шпански јазик за Телемундо (кој, како и НБЦ, е во сопственост на Комкаст), папата Лав размислуваше за убавината која ја видел на молитвата за мир додека деца од целиот свет пееле заедно.
„Верувам дека таа убавина беше покана до сите нас да погледнеме подалеку и да ја видиме убавината што може да се создаде – или во која можеме да учествуваме – кога ќе ги оставиме настрана некои од нашите разлики и ќе го препознаеме богатството на тоа да се биде човек, на тоа што сè е создадено по Божји лик“, рече тој.
Папата, исто така, потсети на молитвите за мир што ги упатија децата и нивното прашање зошто има војна и омраза наместо мир и љубов.
„Треба повторно да ги откриеме вредностите и богатството што се наоѓаат во тоа да се биде човек, во тоа сите да биде браќа и сестри“, рече тој. „Мора да препознаеме дека сите навистина можеме да учествуваме во општество кое го сака мирот, бара мир и се прифаќа едни со други и покрај нашите разлики. Ако сите работиме за мир, можеме да надминеме толку многу ситуации што предизвикуваат конфликт и омраза.“
Завршувајќи го интервјуто со Телемундо, папата Лав XIV упати порака за мигрантите.
„Имајте надеж. Секако, барајте начини да живеете на уреден начин“, поттикна тој. „Мора да препознаеме дека може да има луѓе кои – не знам – страдале поради прекршоци, злосторства и такви работи. Општеството не може да се гради на тој начин. Затоа мора да научиме да живееме во мир, но мора да имаме и храброст и надеж што секогаш ни помагаат на сите.“
Ватикан њуз/к.мк

