Префектурата на Папскиот дом објави дека папата Лав XIV, почнувајќи од попладнето во недела, 5 јули 2026 година, ќе престојува во Кастел Гандолфо до 27 јули. Во овој период сите аудиенции ќе бидат суспендирани.
Како и минатата година, папата Лав XIV ќе помине дел од летниот одмор во папската резиденција во Кастел Гандолфо, која се наоѓа на околу еден час од Ватикан.
„Денес попладне, во недела, 5 јули, Светиот Отец ќе се пресели во Апостолската палата во Кастел Гандолфо на одмор, до понеделник, 27 јули“, се наведува во соопштението на Префектурата на Папскиот дом, објавено во недела.
Во соопштението се објаснува дека во овој период ќе бидат суспендирани сите општи аудиенции, кои ќе продолжат во среда, 5 август. Приватните и специјалните аудиенции исто така ќе бидат суспендирани.
Во неделите во јули, молитвата Ангел Господов ќе се моли од Кастел Гандолфо, наместо од плоштадот „Свети Петар“.
Во летото 2025 година, папата Лав XIV помина 16 дена во Вила Барберини во Кастел Гандолфо, од 6 до 22 јули. Во тој период тој продолжи да има и некои јавни ангажмани, меѓу кои и служење света Литургија во селото „Лаудато си“, познато како „Борго Лаудато си“, посветено на грижата за создадениот свет.
Папата тогаш ја посети и папската парохија „Свети Тома од Виланова“, како и катедралата во Албано.
Тој период беше обележан и со неколку важни средби. Меѓу нив беше и средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кого Папата го прими во Вила Барберини.
Папата Лав XIV имаше и телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по израелскиот напад врз црквата „Свето Семејство“ во Газа. Подоцна разговараше и со Махмуд Абас, претседател на Државата Палестина.
Ватикан њуз/к.мк

