Папата Лав XIV изрази сочувство и се моли за жртвите од летот на „Ер Индија“ кој полета кон Лондон со 242 лица на бордот, а се урна веднаш по полетувањето од индискиот град Ахмедабад.
Летот AI 171 на „Ер Индија“ полета од аеродромот во Ахмедабад во четврток 12 јуни 2025 година, со дестинација Лондон – Гетвик.
Боингот 787-8 „Дримлајнер“ се урна во станбена населба во близина на аеродромот, удирајќи во студентскиот дом на државниот Медицински колеџ „Б. Џ.“, кој служи како дом за лекари.
Папата Лав XIV во четвртокот испрати порака во која изрази „искрено сочувство“ до семејствата и роднините на оние што ги загубија животите во несреќата.
Во телеграмата потпишана од државниот секретар кардинал Пјетро Паролин, Папата наведува дека е „длабоко натажен поради трагедијата со авионот на ‘Ер Индија’ во близина на Ахмедабад.“
Папата им вети на сите погодени дека ги вклучува во своите молитви, особено оние што се ангажирани во спасувачките акции, и ги препорача душите на починатите на „милосрдието на Семоќниот“.
Според новнската агенција Ројтерс, авионскиот лет на „Ер Индија“ пренесувал 169 индиски државјани, 53 Британци, 7 Португалци и 1 Канаѓанец. Меѓу патниците имало 217 возрасни лица, 11 деца и 2 бебиња.
Индискиот премиер Нарендра Моди ја нарече несреќата „неспоредливо тажна.“
Тој изјави дека трагедијата во Ахмедабад „нè шокираше и натажи“, изразувајќи блискост со сите засегнати од несреќата.
Британскиот премиер Кеир Стармер во соопштение наведе дека несреќата е „разорна.“
Обединетото Кралство негува блиски односи со Индија, каде што, според пописот од 2021 година, живеат околу 1,9 милиони лица од индиско потекло.
Ватикан њуз/к.мк