Папата Лав XIV: Потребно е да се запре хуманитарната катастрофа во Судан и да се постигне дијалог за мир

За време на Генралната аудиенција, во среда 3 септември 2025 година, Папата упати силен апел за африканската земја погодена од насилство, колера и трагедија, во која околу илјада луѓе загинаа во катастрофално свлечиште. Тој повика на обезбедување хуманитарни коридори и координиран одговор за ставање крај на кризата со која се соочува суданскиот народ.
„Не можеме да останеме рамнодушни за хуманитарната катастрофа што го погодува Судан, каде што околу 14 милиони луѓе се раселени, а повеќе од 300.000 цивили се заробени во градот Ел Фашер, како и за илјадниците жртви кои го загубија животот во разорното лизгање на земјиштето што се случи пред неколку дена во селото Тарасин, во срцето на Дарфур,“ рече Папата.
На крајот од аудиенцијата папата Лав XIV упати апел во име на сите што страдаат, велејќи:
„Искрено апелирам до одговорните и до меѓународната заедница да обезбедат хуманитарни коридори и да спроведат координиран одговор за да се запре оваа хуманитарна катастрофа. Време е да започне сериозен, искрен и инклузивен дијалог меѓу сите вклучени страни, за да се стави крај на конфликтот и да се врати надежта, достоинството и мирот на народот на Судан.“
Близина со суданскиот народ
Светиот Отец се осврна на ситуацијата во градот Ел Фашер, каде што жителите се заробени и изложени на глад и насилство. Тој потсети и на болката и очајот што ги остави трагедијата со свлечиштето, како и на заканата од ширење на колера, која може да погоди стотици илјади луѓе.
„Поблиску сум од кога било до суданскиот народ, особено до семејствата, децата и раселените лица. Се молам за сите жртви,“ нагласи Папата.
Во трагедијата Божјата љубов останува
Римскиот бискуп се осврна и на трагедијата во Дарфур во својот поздрав на англиски јазик, молејќи се за вечен покој за жртвите, како и утеха и сила за нивните најблиски. Тој нагласи дека дури и во услови на вакви трагедии, никогаш не смееме да ја губиме надежта во Божјата љубов кон нас.
Канонизација на Карло Акутис и Пјер Џорџо Фрасати
Обраќајќи се на верниците, Папата, на полски јазик, охрабри на молитва за децата и младите кои во септември се враќаат на училиште, како и за сите што се ангажирани за нивното образование. Тој повика на молитва за дарот на длабока вера на нивниот пат кон зрелоста, преку застапништвото на блажените, а наскоро и светци, Пјер Џорџо Фрасати и Карло Акутис.
Свети Григориј Велики – пример за целосна доверба во Бога
На крајот, Петровиот наследник потсети на литургискиот споменден на Светиот папа Григориј Велики, охрабрувајќи да учиме од неговата понизност и од неговата доверба во Божјата љубов и во љубовта кон браќата.
„Денес го славиме литургискиот спомен на Свети Григориј Велики, чие тело почива во базиликата ‘Свети Петар’. Овој Папа е наречен ‘Велики’ поради своето извонредно дело како пастир и учител на верата во многу тешки времиња за општеството и за Црквата. Таа ‘величина’ ја црпеше силата од својата доверба во Христос. Се надевам дека секој од вас ќе може да ја препознае во Господ единствената вистинска сила во животот,“ порача Папата.
Ватикан њуз/к.мк