Папата Лав XIV повика на обновена грижа за семејствата десет години по Amoris laetitia

Папата Лав XIV повика на обновена грижа за семејствата десет години по Amoris laetitia

Десет години по објавувањето на Апостослкиот поттик Amoris laetitia, папата Лав XIV ги повика епископите и поглаварите на Источните цркви да ги споделат искуствата, плодовите и предизвиците што произлегле од примената на документот во нивните помесни Цркви.

Средбата под наслов „Десет години по Amoris laetitia – навестување на Евангелието со семејствата денес“ се одржува во Ватикан од 7 до 14 октомври. Програмата опфаќа пленарни седници, работа во групи, молитвени моменти и завршна света Литургија предводена од папата Лав XIV.

Во своето обраќање Папата истакна дека семејството останува едно од клучните места каде што се допираат големите културни, економски, општествени и политички прашања на современиот свет. Потсетувајќи на Вториот ватикански собор и пасторалната конституција Gaudium et spes, тој нагласи дека достоинството на бракот и семејството останува тесно поврзано и со изградбата на мирот и општото добро.

Папата посочи дека Amoris laetitia претставува значајна етапа во пасторалната грижа на Црквата за семејството. Според него, семејствата активно учествуваат во мисијата на Црквата преку љубовта, верноста, простувањето, воспитувањето на децата, пренесувањето на верата и грижата за старите и ранливите.

Особено внимание Папата посвети на потребата Црквата внимателно да ги слуша семејствата и нивните конкретни животни искуства. Тој нагласи дека современите семејства се соочуваат со економска несигурност, миграција, насилство, осаменост и различни облици на емоционална ранливост, кои влијаат врз нивните избори и врз начинот на кој ја замислуваат својата иднина.

Папата се осврна и на растојанието меѓу современиот начин на живеење на сексуалноста и интимноста и христијанското сфаќање на бракот. Тој истакна дека младите и понатаму копнеат по љубов, верност и припадност, а Црквата е повикана да им помогне да ја препознаат убавината и смислата на трајната посветеност.

Во средиштето на неговото обраќање беше прашањето за ранливоста. Папата ги повика пастирите да размислат каква Црква среќаваат луѓето во миговите кога се најранливи и дали христијанските заедници им помагаат да откријат дека и понатаму имаат место, одговорност и дарови што можат да ги понудат.

Тој нагласи дека вистината на Евангелието треба да биде придружена со трпеливост, близина и милосрдие, особено во ситуации обележани со рани, разочарувања и неуспеси.

На крајот папата Лав XIV ги повика учесниците внимателно да се слушаат едни со други и да останат отворени за поттиците на Светиот Дух. Според него, токму таквото заедничко расудување може да донесе нова пасторална креативност и да помогне Евангелието сè повеќе да стане вистинска добра вест за семејствата ширум светот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот