Папата Лав XIV уште еднаш го обнови својот повик за прекин на насилството во Украина и изрази жалење поради „насилните напади што неодамна погодија разни градови и цивилна инфраструктура во Украина, предизвикувајќи смрт на невини луѓе“.
Папата Лав XIV во недела, 6 септмври 2026 година, изјави дека „со тешко срце“ ги следи вестите за засилените напади врз украинските градови и цивилната инфраструктура, во кои загинаа невини луѓе.
„Моето срце сочувствува со страдањето на луѓето“
Во своето обраќање по неделната молитва Ангел Господов, папата Лав XIV рече: „Моето срце сочувствува со страдањето на луѓето, кои со години живеат во неволја и страв“.
Тој уште еднаш го повтори својот апел „да се стави крај на насилството, да се запре уништувањето и да се отворат срцата за дијалог и мир“.
Надеж за дипломатско решение
Светиот Отец особено изрази надеж дека „напорите што се вложуваат во последните денови за продолжување на преговорите ќе донесат конкретни плодови и ќе го отворат патот за дипломатија“.
Американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер во саботата отпатуваа во Русија на разговори со рускиот претседател Владимир Путин, кој во 2022 година ја започна целосната инвазија врз Украина, по години конфликт со низок интензитет.
Двајцата претставници во неделата треба да се сретнат и со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.
Папата Лав XIV го заврши своето обраќање со повик за молитва „за да надвладее слогата во сите конфликти во светот“.
Ватикан њуз/к.мк

