Папата Лав XIV: Здравјето не е луксуз, туку предуслов за мир во општеството

Папата Лав XIV: Здравјето не е луксуз, туку предуслов за мир во општеството

Папата прими во аудиенција учесници на конференцијата „Кој е денес мојот ближен?“, повикувајќи на здравствена заштита достапна за сите, за да се избегне неправдата да стане семе на судири. Грижата за човечноста на другите ни помага да ја живееме сопствената човечност, истакна Римскиот бискуп, додавајќи дека и Црквата може да даде значаен придонес во борбата против нееднаквостите во областа на здравството.

Мирот се темели врз борбата против нееднаквостите и врз заштитата на достоинството на најранливите, кои често неправедно ги сметаме за „непотребни“. Сепак, христијанинот е повикан токму во нив да го препознае патот кон праведно општество и да гради солидарни заедници кои се грижат за доброто на секој човек. Ова го истакна папата Лав XIV во среда, 18 март 2026 година, примајќи ги во аудиенција учесниците на конференцијата „Кој е денес мојот ближен? – Today who is my neighbor?“.

Станува збор за иницијатива што ја промовираат Советот на бискупските конференции на Европа, Светската здравствена организација за европскиот регион и Италијанската бискупска конференција. Средбата се одржа на денот кога беше објавен вториот „Европски извештај на Светската здравствена организација за состојбата на еднаквоста во здравјето“.

Семе на судири

Светиот Отец повика на промена на пристапот пред растечките нееднаквости во здравството, предупредувајќи особено на менталното здравје, а особено на младите, затоа што, како што рече, невидливите психички рани не се ништо помалку тешки од видливите. Притоа додаде:

„Здравјето не може да биде луксуз за малкумина, туку е темелен предуслов за општествен мир. Универзалната здравствена заштита не е само техничка цел што треба да се постигне, туку пред сè морален императив за општества кои сакаат да бидат праведни. Здравствената заштита и грижата мора да им бидат достапни на најранливите, затоа што тоа го бара нивното достоинство, но и за да не дозволиме неправдата да стане семе на судири.“

Отфрлените се столбови на праведно општество

Прашањето од Евангелието според Лука: „Кој е мојот ближен?“ и денес го преиспитува современиот човек. Затоа Римскиот бискуп поттикна да одиме во пресрет на другиот, особено на оној што страда, иако оддалеченоста, расеаноста и навиката на призори на насилство и туѓа болка нè водат кон рамнодушност. Тој рече:

„Секој маж и секоја жена, а особено христијанинот, е повикан да го насочи погледот кон оние што страдаат, кон болката на осамените, кон сите кои поради разни причини се маргинализирани или се сметаат за бескорисни, затоа што без нив не можеме да изградиме праведни општества по мерка на човекот.“

Грижа за човечноста

Илузорно е да мислиме дека, занемарувајќи ги тие браќа и сестри, полесно ќе стигнеме до среќа. Не можеме да живееме себично; доброто се остварува само во заедништво, напомена Петровиот наследник и додаде:

„Само заедно можеме да изградиме солидарни заедници што се способни да се грижат за секоја личност, во кои растат благосостојбата и мирот за доброто на сите. Грижата за човечноста на другите ни помага да ја живееме сопствената човечност.“

„Самарјанска“ димензија

На крајот од говорот, папата Лав XIV повторно нагласи дека Црквата, имајќи улога во јавноста, секогаш служи за промовирање на човекот и универзалното братство и дека, во соработка со меѓународни организации, може значајно да делува во борбата против нееднаквостите во здравството, во корист на најранливите делови од населението. Затоа заклучи:

„Затоа повторно ја изразувам надежта, која станува поттик, во нашиот христијански начин на живот никогаш да не недостасува таа братска, самарјанска, вклучувачка, храбра, ангажирана и солидарна димензија, чии најдлабоки корени ги наоѓаме во нашето заедништво со Бог, во верата во Исус Христос.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот