Папата Лав XIV го започна апостолското патување во Латинска Америка

Папата Лав XIV го започна апостолското патување во Латинска Америка

Папата Лав XIV го започна своето дванаесетдневно апостолско патување во Латинска Америка, шестото меѓународно патување од почетокот на неговиот понтификат. Светиот Отец ќе ги посети Уругвај, Аргентина и Перу.

Авионот на „ИТА ервејс“, со папата Лав XIV и новинарите кои го придружуваат, полета од меѓународниот аеродром „Фјумичино“ во Рим во 7.05 часот во петок, 6 ноември 2026 година, со што започна апостолското патување на Светиот Отец во Уругвај, Аргентина и Перу.

Папата треба да пристигне на меѓународниот аеродром Монтевидео-Караско околу 16.30 часот по локално време, каде што е предвиден официјален пречек.

Програмата во Монтевидео ќе започне со церемонија на добредојде во 17.30 часот на Плоштадот на независноста. Потоа папата Лав XIV ќе се сретне со претставници на државните власти, граѓанското општество и дипломатскиот кор, а ќе оствари и средба со претседателот на Република Уругвај.

Во вечерните часови Светиот Отец ќе отслужи Вечерна во Митрополитската катедрала на Безгрешното зачнување и Светите Филип и Јаков, заедно со епископите, свештениците, ѓаконите, богопосветените лица и семинаристите.

По посетата на Уругвај, Папата ќе отпатува во Аргентина, каде што ќе ги посети Буенос Аирес, Кордоба и Лухан.

Последната и најдолга етапа од патувањето ќе биде Перу. Таму папата Лав XIV ќе ги посети Лима, Чиклајо, Куско и Пукалпа, враќајќи се во земјата во која со години служеше како мисионер и епископ.

Апостолското патување ќе трае од 6 до 17 ноември. Во текот на дванаесетте дена Светиот Отец ќе посети десет градови, ќе оствари околу дванаесет летови и се очекува да одржи речиси 40 обраќања, сите на шпански јазик.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот