Папата Лав XIV ги повика католиците од целиот свет да му се придружат во молитвата Света Бројаница за мир на 30 мај 2026 година.
Светиот Отец ќе ја предводи Светата Бројаницата од Лурдската пештера во Ватиканските градини, во 19 часот по римско време. Монсињор Волтер Р. Роси, ректор на Базиликата на Националното светилиште на Безгрешното Зачнување во Вашингтон, ќе му се придружи на папата Лав во молитвата преку истовремен пренос во живо, во 13 часот по источноамериканско време, според соопштението за медиумите од 22 мај.
Светилиштата што ќе се приклучат на иницијативата, координирана од Дикастеријата за евангелизација, се: Светилиштето на Богородица во Зарваница, Украина; Меѓународното светилиште на Богородица на мирот и доброто патување во Антиполо, Филипини; Светилиштето на Богородица од Бројаницата во Фатима, Португалија; Светилиштето на Богородица Царица на мирот во Меѓугорје, Босна и Херцеговина; Светилиштето на Богородица од Лурд во Франција; Светилиштето на свети Шарбел во Анаја, Библос, Либан; и Папското светилиште на Светата Куќа во Лорето, Италија.
„Како најистакнато маријанско светилиште и патронална црква на Соединетите Американски Држави, базиликата им се придружува на светилиштата низ целиот свет во оваа светска Бројаница со Светиот Отец“, се наведува во соопштението од базиликата во Вашингтон. „Сите се поканети да учествуваат во овој посебен момент на единство и молитва за мир во целиот свет.“
За време на својата проповед на Педесетница, папата Лав ги повика католиците да се молат Светиот Дух „да нè спаси од злото на војната, кое не се надминува со суперсила, туку со семоќта на љубовта“.
Од почетокот на својот понтификат, папата Лав XIV повеќепати упати апели за мир во светот, особено на Блискиот Исток, во Африка и во Украина.
Евтн/к.мк

