Папата Лав XIV во Барселона: „Го сакам фудбалот“

Папата Лав XIV во Барселона: „Го сакам фудбалот“

Папата Лав XIV, во среда 10 јуни 2026 година, разјасни едно важно прашање: тој го сака фудбалот. Притоа нагласи: „Фудбалот нè потсетува на нешто што не смееме да го заборавиме: животот не е трка во која треба да се истакнеме сами.“

Ова Папата го изјави попладнето, за време на средбата со претставници на добротворни организации и на „Каритас“ во Барселона, каде што одржа говор и одговори на неколку прашања.

„Морам да признаам дека играм тенис и многу уживам во него, но ми се допаѓа и фудбалот“, одговори Папата на прашањето на шестгодишно дете од посиромашен дел на градот. Со својот ФК Барселона, односно Барса, каталонската престолнина е дом на еден од најпознатите фудбалски клубови во светот.

„Светското првенство започнува утре, а многумина ќе ги гледаат натпреварите“, продолжи папата Лав. „Фудбалот нè потсетува на нешто што не смееме да го заборавиме: животот не е трка во која треба да се истакнеме сами, туку пат на кој учиме да одиме заедно. Оној што не знае да ја додаде топката, не ја разбрал играта, дури и ако има талент. И оној што не знае да живее со другите и за другите, не го разбрал животот.“

Малиот Боб Превост не сонувал дека ќе стане Папа

Папата Лав XIV одговори и на уште неколку прашања на шестгодишниот Ренцо, меѓу кои и дали како дете сакал да стане Папа.

Не, таа мисла никогаш не ми паднала на ум, одговори папата Лав.

„Но можам да ти кажам едно: уште како дете чувствував желба да го посветам својот живот на Бога“, рече тој.

Според Папата, поважно од прашањето која професија сакаме да ја избереме е прашањето дали сакаме да бидеме пријатели на Исус.

„Секое дете е Божји сон“, додаде папата Лав XIV.

Бабите и дедовците не смеат да бидат оставени сами

На прашањето за односот кон постарите лица, Папата рече дека бабите и дедовците имаат многу важна улога во животот на семејствата.

„Тие никогаш не треба да бидат оставени сами“, рече тој. „Не смееме да дозволиме осаменоста и напуштеноста да станат нешто нормално во животот на постарите лица. Тоа е многу тажно.“

„Се чини дека е изгубено чувството за светото достоинство на човекот“

Папата ја повтори оваа мисла и во своето обраќање во црквата „Сант Агусти“.

„Повикани сме да Го љубиме Бога и, од љубов кон Него, да ги љубиме нашите браќа и сестри; исто така сме испратени да им пристапиме на сите“, рече тој.

Ова е особено важно, додаде Папата, „во наше време, кога изгледа дека е изгубено чувството за светото достоинство на човечката личност“.

„Би сакал да нагласам дека ние, како христијани, сме повикани да ја претставиме Божјата љубов кон секој маж и секоја жена во конкретниот контекст на историјата. Книгата Битие ни кажува: Бог ‘го создаде човекот според Својот образ; според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде’ (Битие 1,27). Тука се наоѓа основата на неотуѓивото достоинство на секое човечко суштество“, рече папата Лав XIV.

И во своето историско обраќање во шпанскиот парламент во Мадрид, Папата го постави човечкото достоинство како појдовна точка на својата порака.

Папата веќе бил во оваа црква

Некогашната работничка населба Равал, каде што се наоѓа црквата „Сант Агусти“, е една од социјално најсложените области на Барселона, во која голем дел од жителите се имигранти. Во кратките обраќања до Папата беа спомнати и проблемите со дрога и трговија со луѓе.

Сепак, Равал не е периферна населба, туку се наоѓа во срцето на историскиот центар на градот. Низ него поминува познатата променада Рамбла, која води кон пристаништето.

Веднаш до црквата „Сант Агусти“ се наоѓа центар што го водат Сестрите на милосрдието на Мајка Тереза, кои, заедно со многу волонтери, им помагаат на луѓето во потреба. Црквата е и редовно место за средби на филипинските католици што живеат во Барселона, од кои многумина работат како негуватели за постари лица.

Папата во еден момент отстапи од подготвениот говор и спонтано раскажа дека пред неколку децении, за време на својата служба како генерален приор на августинскиот ред, ја посетил оваа црква додека минувал низ Барселона.

Уште тогаш, рече тој, забележал дека околната населба е полна со живот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот