За време на летот кон Уругвај, папата Лав XIV изрази радост поради почетокот на своето апостолско патување, ја претстави новата префектка на Дикастеријата за комуникации, Монсерат Алварадо, и зборуваше со новинарите за своето здравје, мисијата на патувањето и своето право на глас како американски државјанин.
По операцијата на белите дробови во римската болница „Џемели“, се појавија прашања дали папата Лав XIV ќе може да го оствари планираното патување во Латинска Америка. Самиот Папа, сепак, рече дека бил „уверен дека ова патување треба да се оствари“.
Во авионот на „ИТА ервејс“, на почетокот од посетата на Уругвај, Аргентина и Перу, Светиот Отец повеќепати ја изрази својата радост што може да тргне на пат.
Дванаесетдневната програма опфаќа повеќе од 30.000 километри, 14 локации, патувања со автомобил, авион и хеликоптер, повеќе од 50 настани и околу 40 обраќања.
Папата им се обрати на 82 новинари од различни земји кои го придружуваат на патувањето, меѓу кои и десет новинари од земјите што ќе ги посети.
Тој ја опиша посетата како „мисија на Римскиот епископ, на Папата“, чија цел е да се сподели радоста на Евангелието, да се навестува Радосната вест и да се оди заедно со луѓето.
Особено ја нагласи важноста на близината со луѓето во нивните моменти на радост и во моментите на страдање.
„Бев уверен дека патувањето треба да се оствари“
Околу час и половина по полетувањето од римскиот аеродром „Фјумичино“, папата Лав ги поздрави новинарите, дописниците и снимателите.
Тој започна на италијански, шпански и англиски јазик, а потоа им се заблагодари на новинарите за нивната работа, која ја оцени како важна за ширењето на Божјата порака за мир и добра волја меѓу луѓето.
„Знам дека некои се сомневаа дали ова патување ќе се оствари“, рече Папата, додавајќи дека бил уверен оти патувањето треба да се оствари.
Тој му се заблагодари на Бога и на медицинскиот персонал што го придружува и рече дека се наоѓа во „прилично добра состојба“.
„Вие сте сведоци на тоа“, им рече со насмевка на новинарите. „И среќен сум што сте со нас.“
Новата префектка за комуникации
За време на средбата Папата официјално ја претстави и новата префектка на Дикастеријата за комуникации, Марија Монсерат „Монсе“ Алварадо.
Таа ја презеде должноста на 1 ноември, наследувајќи го Паоло Руфини по завршувањето на неговиот мандат.
Папата го истакна нејзиното големо професионално искуство, креативност и енергија и рече дека ќе го придружува за време на патувањето и ќе придонесува во важната област на комуникацијата на Светиот Престол.
Порака на надеж за Латинска Америка
Пред да тргне низ авионот за лично да ги поздрави новинарите, папата Лав уште еднаш ја истакна главната цел на своето шесто апостолско патување.
Тој сака да се сретне со народите и културите на трите латиноамерикански земји и да им ја донесе „пораката на надежта во денешниот свет“.
Според Папата, секоја од трите земји има своја посебна историја. Меѓу нив постојат многу сличности, како и бројни особености.
Најдолгиот дел од патувањето ќе биде во Перу, земјата во која Светиот Отец помина повеќе од дваесет години како мисионер и каде што служеше како епископ на Чиклајо.
Перу, рече тој, е „еден од моите многубројни домови“.
„Многу сум среќен што се враќам таму“, додаде Папата.
„Силата ја наоѓам во верата“
Додека ги поздравуваше новинарите, Светиот Отец доби книги, писма и различни подароци, меѓу кои традиционална андска шапка од Чулуканас, каде што ја започнал својата мисија во Перу, и бејзбол топка на „Чикаго Вајт Сокс“.
На прашањето каде ја наоѓа силата за толку долго патување, Папата одговори кратко
„Во верата. Господ е многу дарежлив кон мене.“
Тој додаде дека за неговата здравствена состојба се заслужни и добрите лекари и здравиот начин на живот.
Голем дел од прашањата на новинарите беа поврзани токму со неговото здравје.
Говорејќи за приоритетите по операцијата, папата Лав рече дека чувствува уште посилна посветеност да остане близу до болните и нагласи дека здравствената заштита треба да биде право достапно за секој човек.
На луѓето кои се соочуваат со рак им порача да не се плашат и ја истакна важноста на раното откривање на болеста и редовните здравствени прегледи.
Папата откри и дека за време на престојот во „Џемели“ читал бревијар, молитвеник и весници. На прашањето дали повторно започнал да игра тенис, одговори
„Сè уште не, но ќе започнам.“
Папата за правото на глас
Одговарајќи на прашања од американски новинари за гласачкото ливче што го испратил по пошта за среднорочните избори во Соединетите Американски Држави, папата Лав рече
„Веќе дадов изјава за тоа. Горд сум што сум Американец и што го користам правото на глас.“
Тој објасни дека не гласал во Перу, каде што исто така има државјанство, бидејќи немало можност тоа да го направи од далечина. Додаде дека би гласал доколку таква можност постоела.
Аргентина и споменот на папата Фрањо
Говорејќи за аргентинската етапа од патувањето, Светиот Отец рече дека на одреден начин таа претставува и почит кон папата Фрањо, бидејќи го посетува неговиот роден крај, кој Фрањо не успеа да го посети како Папа.
Кога новинарите го прашаа дали се чувствува поопуштено кога зборува на шпански, јазикот што го користел во текот на своите мисионерски години, папата Лав со насмевка одговори
„Почекајте и ќе видите. Некои велат дека има значителни разлики.“
Желба повторно да го посети Камино де Сантијаго
Меѓу понеобичните подароци што Папата ги доби беше и плакета за симболичен авион што би можел да го однесе до Камино де Сантијаго во текот на Светата година на Сантијаго де Компостела во 2027 година.
Папата Лав ја поминал оваа рута со автомобил пред да биде избран за Папа.
На прашањето дали би сакал повторно да ја посети како Римски епископ, одговори
„Би сакал. Едно е она што сакаш да го направиш, а друго е она што можеш да го направиш.“
Ватикан њуз/к.мк

