Папата до Тавадрос II: Христијаните треба да бидат сведоци на единство во свет погоден од конфликти
Папата Лав XIV разговараше со коптскиот православен папа Тавадрос II по повод Денот на коптско-католичкото пријателство и ја потврди заедничката одговорност на двете Цркви да го проповедаат Евангелието, да го промовираат мирот и да продолжат по патот за полно заедништво.
Во телефонски разговор и во писмо до коптскиот православен папа од Александрија, патријарх на престолот на свети Марко, папата Лав XIV нагласи дека единството на христијаните е посебно потребно во време кога светот е ранет од војни и поделби, особено на Блискиот Исток.
Според соопштението од Канцеларијата за печат на Светиот Престол, разговорот бил насочен кон желбата да се даде нов поттик на Денот на коптско-католичкото пријателство, како можност за продлабочување на дијалогот заснован врз вера и милосрдие. Во разговорот била истакната и заедничката одговорност за навестување на Евангелието и за промовирање мир и помирување.
Продолжување на традицијата започната од папата Фрањо
Денот на коптско-католичкото пријателство потекнува од иницијатива поврзана со патријархот Тавадрос II, а беше прифатен и промовиран од папата Фрањо во 2013 година. Повод беше 40-годишнината од историската средба меѓу папата Павле VI и папата Шенуда III во 1973 година, која заврши со потпишување заедничка христолошка декларација.
Папата Лав XIV ја продолжува оваа традиција, потсетувајќи дека заедничкото патување на Коптската православна црква и Католичката црква било обележано со поделби, недоразбирања, но и со важни чекори на приближување.
„Во време кога нашиот свет е погоден од толку многу конфликти, особено на Блискиот Исток, христијаните треба, повеќе од кога било, да се стремат кон целосно единство, за заедно да можеме да сведочиме за Кнезот на мирот“, порача Папата.
Тој потсети и на сведоштвото на мачениците, особено на 21 коптски христијани убиени од ИСИС во 2015 година на либиската плажа. Тие се вклучени во Римскиот мартирологиј како знак на духовно заедништво меѓу Петровиот и Марковиот Престол.
Пријателство, дијалог и надеж за единство
Во писмото, папата Лав особено се задржа на значењето на пријателството. За христијаните, рече тој, пријателството е во срцето на верата, бидејќи самиот Христос ги нарекува Своите ученици пријатели.
Папата изрази надеж дека теолошкиот дијалог меѓу Католичката црква и Источните православни цркви ќе продолжи што е можно поскоро, со цел да се одговори на Христовата молитва „сите да бидат едно“.
Гледајќи кон Педесетница, папата Лав Го повика Светиот Дух да ги води Коптите и католиците на заедничко поклонение во вистината и милосрдието кон полно заедништво.
Ваттикан њуз/к.мк

