Папата до младите: Не плашете се да се одлучите за Исус

Папата до младите: Не плашете се да се одлучите за Исус

На плоштадот пред катедралата во Вилнус, папата Фрањо во саботата на 22 септември 2018 година се сретна со младите. Како и во слични прилики и овој пат, Папата го слушна сведоштвото на двајца млади, Моника на која ѝ починал татко ѝ и Јонас кој живее благодарение на дониран орган.

Групата млади преку игра покажаа како се соочуваат со предизвиците, а излезот го наоѓаат во верата.

Обраќајќи се до младите Папата посебно ја нагласи потребата од свест за идентитетот и заедништвото. Не дозволувајте светот од вас да направи како да можете да чекорите сами. Сам до никаде не одиш. Сами не можеме да одиме. Не паѓајте во искушението да станете себични и површни пред болките на ближните затоа што она што се случува на ближниот ми се случува и на мене. Мораме да знаеме да одиме против струјата, против индивидуализмот, рече Папата. Да станат свесни дека христијаните се стремат за светост, а таа започнува од средбата и заедништвото со другите.

Нашиот идентитет претпоставува припадност на еден народ. Не постои дестилиран идентитет. Постои само идентитет на заедничко одење, постои идентитет на припадност на семејството, на народот, постои идентитет кој дава љубов, нежност, надеж, отвореност кон другите, постои идентитет кој ти дава сила за борба, а понекогаш во истиот момент за да помилуваш некого, порача Папата, и упати и на важноста на молитвата. Во тој контекст потсети на зборовите на свети Алберт Хуртада „Исус и јас, апсолутна големина“ Исус нѐ повикува да излеземе од самите себе за да ризикуваме и лице во лице да се сретнеме со другите. „Да веруваш во Исус често значи голем скок во верата, скок во бездна и тоа нѐ плаши. Не плашете се, бидете храбри: да се следи Исус во нас го буди животот и ни дава смисла, и ни дава да се почувствуваме дел од заедницата. Драги млади: не плашете се да учествувате во револуцијата со Него, Он ве повикува на револуција на нежноста. Животот е постојано одење, барање на вистинскиот пат. Бидете млади на пат, не млади во лавиринт. Не плашете се да се одлучите за Исус, да го прегрнете Неговото Евангелие. Тој никогаш нема да излезе од вашиот живот, тој ќе биде секогаш Оној Кој ќе го среќавате на вашите патишта,“ порача Папата.

На крајот уште еднаш ги охрабри да не ги заборават своите корени. „Мислете на минатото, разговарајте со старите. Нека тие ви зборуваат за историјата на вашата земја, за радостите, за страдањата, за болките и на тој начин ќе ги запознаете вашите корени и ќе можете да одите со својот народ напред во иднината храбри и силни,“ им рече Светиот Отец на младите.

Пред благословот, папата Фрањо на надбискупот на Вилнус, Гинтарас Грушас му даде подарок путир, а потоа младите со песна кажаа молитва за Папата. На крајот од средбата Папата на сите им го подели својот благослов. Потоа Папата ја посети катедралата, и пред статуата Пресвета Богородица Сибирска положи цвеќе и се задржа во кратка молитва.

Ика/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот