Папата до виетнамските катехисти: Никогаш не сте сами

Папата до виетнамските катехисти: Никогаш не сте сами

Во спомен на 400-годишнината од раѓањето на блажениот Андреј Фу Јен, кој се смета за прв маченик во Виетнам, Светиот Отец испрати видео порака до катехистите, повикувајќи ги да ја одржат жива љубовта кон верата и семејството.

По повод 400 години од раѓањето на блажениот Андреј Фу Јен, папата Лав XIV упати видео порака до виетнамските катехисти. Во контекст на подготовката за Јубилејот на младите во Рим, Папата изрази благодарност кон сите, особено кон младите кои се одѕваа на повикот од различни краеви на земјата. Светиот Отец истакна дека е особено благодарен што е „обединет во молитва во присуство на светата мошта на блажениот Андреј Фу Јен“.

Размислувајќи за животот на „големиот син на Виетнам“, Папата нагласи дека блажениот Андреј „по неговото крштевање бил непроценлив соработник на мисионерите Исусовци кои го донеле Евангелието во Виетнам“.

Мачеништво заради верата

Во Апостолскиот поттик Christus vivit, папата Фрањо потсетува дека виетнамскиот блаженик бил затворен поради својата вера и, кога одбил да се одрече од неа, бил погубен со маченичка смрт. Неговите последни зборови биле: името на Исус.

Католичките мисионери започнале со своето делување во Виетнам во 16 век. Папата Лав XIV нагласи дека, жртвувајќи го својот живот на само 19-годишна возраст, Андреј одговорил на Христовиот повик да возврати „љубов за љубов“. Своето сведоштво го запечати со крв, добивајќи го насловот Првомаченик на Виетнам, а беше прогласен за блажен од светиот Иван Павле II во 2000 година. Како покровител на катехистите, Папата побара неговото застапништво да ги охрабри оние кои ја пренесуваат верата, следејќи го примерот на младиот сведок на Евангелието, дури и во време на искушенија.

Црква на катехисти

Обрнувајќи се кон Црквата во Виетнам, Светиот Отец во пораката ја истакна живоста на локалната заедница, во која дејствуваат илјадници катехисти, посветени на пренесување на верата меѓу децата и младите. Според Папата, околу 64.000 катехисти се присутни во и надвор од Виетнам. Тој ги нарече „важен дел од животот на парохиите“.

Им се заблагодари на сите кои се вклучени во оваа служба, и ги охрабри да го ценат дарот што го носат, привлекувајќи ги младите кон пријателство со Исус преку своето поучување и пример. Папата потсети дека тие се пратени од Црквата како живи знаци на Божјата љубов: понизни служители, по примерот на блажениот Андреј, исполнети со мисионерска ревност.

Потсети и на тоа дека блажениот Андреј ги храбрел своите сограѓани да останат истрајни во верата и да се молат за него додека бил во затвор. Светиот Отец го посочи ова како знак дека христијанскиот живот и катехетската служба се дело на заедништвото. Сите сме дел од Христовото Тело.

Вкоренети во семејството и културата

Повторно потпирајќи се на зборовите на своите претходници, папата Лав XIV посочи дека служењето на катехистите е длабоко вкоренето во наследството на семејството и културата. Ги повика да ја одржуваат жива љубовта кон своето семејство и татковина преку нивната служба.

Верата и културата се пренесуваат од поколение на поколение, особено преку херојската вера на родителите, бабите и дедовците, кои – како блажениот Андреј – сведочеле сред страдање и учеле да се надеваат на Бога. Папата ги повика катехистите да се потпрат на тие корени и традиции – како Божји дарови – во нивната мисија на пренесување на верата.

Во завршната мисла, Светиот Отец ги покани виетнамските катехисти духовно да се придружат на младите поклоници кои ќе дојдат во Рим за Јубилејот на младите, обединувајќи се во заедништво со своите браќа и сестри во Виетнам. Им го довери нив и нивната служба на Господа и моли за застапништво од блажениот Андреј.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот