Папата го прими израелскиот претседател Херцог: Потребно е итно примирје во Газа и дозвола за влез на хуманитарната помош

Папата го прими израелскиот претседател Херцог: Потребно е итно примирје во Газа и дозвола за влез на хуманитарната помош

Папата, примајќи го во аудиенција израелскиот претседател, разговараше за ситуацијата на Блискиот Исток, особено за трагедијата во Појасот Газа. Светиот Отец изрази надеж за ослободување на сите заложници, а Светиот Престол повтори дека постигнувањето решение преку две држави претставува единствениот излез од војната.

Папата Лав XIV во четврток 4 септември 2025 година, го прими во аудиенција израелскиот претседател Исак Херцог. Главните теми на разговорот беа создавањето стабилна иднина во регионот кој има долга историја на конфликти, кои и денес се бројни. Беше истакнато дека оваа цел, особено со оглед на трагичната состојба во Газа, може да се постигне со итно продолжување на преговорите меѓу вклучените страни, со подготвеност и храбри одлуки, како и со поддршка од меѓународната заедница. Целта е да се ослободат сите заложници, итно да се постигне трајно примирје, да се овозможи безбеден влез на хуманитарна помош во најпогодените подрачја и да се обезбеди целосно почитување на хуманитарното право, како и легитимните стремежи на двата народа.

Единствениот излез од војната

Претседателот Херцог потоа во Државниот секретаријат се сретна со кардинал Пјетро Паролин и надбискупот Пол Р. Галагер, секретар за односи со државите и меѓународните организации. Во соопштението на Прес-канцеларијата на Светиот Престол се наведува дека се осврнале на политичката и општествената состојба на Блискиот Исток, а размислувајќи за тоа како да се обезбеди иднината на палестинскиот народ, како и мирот и стабилноста во регионот, Светиот Престол повтори дека постигнувањето решение меѓу Израел и Палестина претставува единствениот излез од војната.

Односите меѓу Светиот Престол и Израел

Во соопштението, исто така, се наведува дека се осврнале и на настаните на Западниот Брег и на важното прашање за градот Ерусалим. Беше истакнато историското значење на односите меѓу Светиот Престол и Израел, разгледувајќи одредени прашања во врска со односите меѓу државните власти и локалната Црква, со посебно внимание на значењето на христијанските заедници и нивната посветеност таму и на целиот Блиски Исток, во полза на човечкиот и општествениот развој, особено во областа на образованието, промовирањето на општествената поврзаност и стабилноста на регионот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот