Во разговорите што се одржаа во Државниот секретаријат, по аудиенцијата со Папата, истакната е посветеноста на Обединетите нации за светскиот мир. Исто така, разговарано е за потешкотиите со кои се соочува оваа организација при справувањето со одредени актуелни кризи во светот. Ова произлегува од официјалното соопштение на Ватикан, објавено во среда 11 јуни 2025 година, по посетата на претставникот на ОН.
Средбата меѓу папата Лав XIV и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој се наоѓа при крајот на својот втор и последен мандат, се одржа во придружната просторија на салата за аудиенции во Ватикан, се наведува во соопштението. Во срдечните разговори со претставниците на Државниот секретаријат – кардинал Пјетро Паролин и надбискупот Пол Ричард Галагер – е изразена поддршката на Светиот Престол за заложбите на Обединетите нации во корист на светскиот мир.
Покрај тоа, е дискутирано и за „актуелните случувања и претстојните самити на Обединетите нации“, како и за „тешкотиите со кои се соочува организацијата во справувањето со одредени актуелни светски кризи“. Во „понатамошниот тек на разговорот“ биле споменати и некои „конкретни жаришта на конфликти и нестабилност“.
Најмногу конфликти од 1946 година наваму
Според соопштението на Институтот за мировни истражувања од Осло (PRIO), исто така објавено во средата, бројот на конфликти во светот е на највисоко ниво од 1946 година наваму. Во 2024 година се регистрирани 61 конфликт во 36 земји, при што барем една од завојуваните страни била државен субјект, стои во извештајот на институтот со наслов „Трендови на конфликти: Глобален преглед, 1946–2024“. Тоа е највисок број во последниве повеќе од седум децении.
Се забележува и мало намалување на бројот на конфликти во кои не се вклучени држави. Додека во 2023 година биле избројани 80 вакви случаи, една година подоцна тие се намалиле на 74. Според зборовите на Сири Аас Рустад, директорка за истражување во PRIO и главна авторка на извештајот, станува збор за „структурна промена“.
Ватикан њуз/к.мк